Писма од Лондон: Загрижени

За нас, жените работите се вака. Ако стигнеме до 65, се очекува дека ќе се збогуваме од овој свет на убава возраст (ова е просек, мамо, просек, не е правило)... на 89,2 години. А порано беше 89,7 години. Значи, за шест месеци помалку.

395

„Дојдете! Кај нас платите се повисоки, храната е повкусна, а плус и времето е подобро!“

Ваков оглас се појави во два полски весника, кои се печатат и се издаваат во Обединетото Кралство, а нарачател беше Универзитетската болница од Диселдорф, Германија. Огласите, напишани на германски и на полски, се проследени со убави панорамски фотографии на Диселдорф со сино небо и со реката Рајна во заднина. Целта е да се убедат полските медицински сестри (и браќа) кои сега работат во британските болници да ја заменат Велика Британија со Германија.

Исто така им велат и дека ќе им биде многу полесно да си одат дома во посети на семејствата ако работат тука – ене каде е Полска, во просек на само 340 милји, многу поблиску од Велика Британија од каде што за секаде мора со брод или со авион или под тунел па „преку вода до слобода“… Не попусто Британците за сè што е странство велат „оверси“ односно „преку море“. Германија, велат, има потреба од 70.000 медицински сестри, на болницата во Диселдорф и се потребни барем 100 и бара кадар од Полска, бидејќи таму многумина германскиот го учеле во училиште. Германската болница бара дополнителни сестри и реши да ги привлече „англиските“ со повисоки плати и подобра храна.

Европските државјани имаат рамноправен статус во Британија и седум проценти од медицинските сестри доаѓаат од земјите на ЕУ. Ако си одат, ќе си одат главно поради лошиот брегзит, односно излегувањето без договор и стресот, а не поради времето, платата и храната. (Британците ќе треба потоа да се справуваат со кризата во здравството. Која ќе биде уште поголема од сегашната).

Ниту времето им е подобро, за германската храна да не зборуваме, храната тука одамна е космополитска, а барем болниците се конкурентни, посебно оние приватните во кои медицинските работници ги чуваат како капка вода на дланка. Но, да бидам искрена, да сум јас нешто медицинска сестра, што не сум, сепак би работела некаде поблиску до семејството.

Епидемија…

…jа зафати Земјата. Во некои други земји сипаници, некаде зика вирус, некаде полио, а тука – убиства со ножеви. Од млади на млади. Предминатата година во земјата имаше 649, минатата 739 убиства, а во Лондон беше најкрваво и, што е најлошо, сè уште трае.

Бројките на лондонската Метрополитен полиција покажаа дека криминалот со ножеви во метрополата пораснал за 16 проценти и дека епидемијата е во пораст. Минатата година, велат статистичарите, била најкрвава. Но како што тргна, оваа година има големи шанси да го надмине неславниот рекорд од минатата. И ако досега смртните случаи беа главно одмазди меѓу сопернички банди на млади, најчесто црни тинејџери, сега се кренаа на „повисоко“ ниво –  таканаречена иницијација со убиство. Неодамна беа убиени двајца бели тинејџери што немаа врска со банди, случајно одбрани, за членовите на бандите да се „докажат“ дека се вредни за членство. Со убиството ја „плаќаат членарината“. Вие си седите така со друштво, си ја гледате работата, кога тоа ви приоѓаат двајца одзади (секогаш одзади и секогаш мора да има барем еден сведок) и едниот боде со нож. Најчесто обичен, кујнски, оној за сечење леб или месо, ама во случајот човечко месо и еден убод може да биде смртоносен. За да се докаже верност кон бандата. А, истовремено, завршува еден човечки живот и засекогаш се менува животот и на семејството и на убиецот. Страшно. Ужасно. Трагедија.

Распад на традиционалното семејство? Пропуст на образованието? На родителите, односно најчесто на едниот родител? Проблем со затворањето на младинските клубови? Намалувањето на полицијата, која е сè помалку видлива на улиците? Пропуст на државата, на системот? На брегзитот што сите ги направи несреќни и нервозни и бесперспективни? Епидемијата низ бројки тукушто покажа дека од почетокот на годината во Лондон од ножеви починаа 21 млад човек, главно тинејџери. Од млади за млади. И како никој да нема идеја што да се прави. А март тукушто почна.

Нè остареа тука

За шест месеци ни го скратија животот. Институтот и факултет за статистика на веројатност, кој ја пресметува должината на животот за потребите на британската пензиска индустрија, обнароди дека почнавме да живееме помалку. Ни се скуси долговечноста. Не сме како Скандинавците, а со Јапонците и онака веќе одамна можеме само да сонуваме да се мериме и се маф ни е работата.

Институтот сега вели дека очекува маж, Британец се разбира, на возраст од 65 години да се прости од овој свет на 86,9 години. А порано требаше да каже „бај, бај ворлд“ на 89,4. За нас жените работите се вака. Ако стигнеме до 65, се очекува дека ќе се збогуваме од овој свет на убава возраст (ова е просек, мамо, просек, не е правило)… на 89,2 години. А порано беше 89,7 години. Значи, за шест месеци помалку. И заклучуваат дека ова не било „блип“, туку тенденција. Што ќе рече дека минатата година ќе сме живееле два месеца помалку. Оваа шест. Догодина, со епидемијата со ножевите, со стресовите и неизвесноста со брегзитот, со загадениот воздух и светската криза и со Трамп (ако не сте загрижени од Трамп, блазе си ви), којзнае уште за колку ќе ни се скуси животот.

Аналитичарите сепак не го спомнуваат Трамп. Но, ги спомнуваат деменцијата, дебелината, дијабетесот, стресот, нездравиот начин на живот, кусењето на инвестициите во здравството. Сепак, на научниците во одделот за јавно здравје тука не им е јасно зошто трендот на продолжување на животната доба се намалил само во Англија и во Велс. А Шкотланѓаните? А Ирците? Човечкиот род, велат, не го доживеал лимитот во продолжувањето на животниот век. Во другите европски држави само се бележи благо забавување, но не и назадување.

Отидов сега малку да прошетам. Да се размрдам. Доста седев додека пишував. Ова како краткорочно решение. За подолгорочното, откако ќе бидат извршени соодветни консултации. Си ги барам назад моите шест месеци. И не давам ниту ден повеќе.

 

Објавено во „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...