Смртноста на новороденчиња лани е намалена

Филипче се пофали дека овозможиле Фондот за здравство да плаќа за специјални градници за жени кои се оперирани од рак на дојката, набавиле осум мамографи, државата овозможува бесплатни прегледи и лабораторски прегледи за жени во тек на бременост и бесплатно породување во сите јавни родилишта во државата.

147

Лани се намали смртноста на новороденчиња, бидејќи починале 24 новороденчиња, наспроти во 2017 кога бројката била повисока и изнесувала 36 новороденчиња, рече министерот за здравство Венко Филипче на презентацијата на проектот на Владата заедно со Фондот за популација на Обединетите Нации за намалување на смртноста кај новороденчињата.

– Тоа претставува пад на смртноста на новороденчиња од 30 проценти. Имавме многу проблеми, свесни сме дека смртноста на новороденчиња не се должи само на болниците, туку и на секундарното и на примарното здравство – изјави Филипче.

Со овој проект изготвени се протоколи за постапување со новороденчиња, особено за предвремено родени деца и тие ќе се достават до сите 33 родилишта во државата.

Министерот за здравство вели дека имаат план како да се борат со недостатокот на гинеколози.

– Специјалистите гинеколози ќе можат да даваат здравствени услуги како матични гинеколози, конкретно ова е наменето за Македонски Брод, Демир Хисар, Крушево и Пробиштип каде имаат потешкотии за гинеколошка заштита – рече Филипче.

Тој додаде дека во Прилеп, Гостивар, Тетово и Струмица има гинеколози, но не доволно, па и овде гинеколозите од секундарно ниво ќе можат да работат како матични гинеколози.

Во руралните средини ќе се обезбедат мобилни гинеколошки амбуланти.

Филипче се пофали дека овозможиле Фондот за здравство да плаќа за специјални градници за жени кои се оперирани од рак на дојката, набавиле осум мамографи, државата овозможува бесплатни прегледи и лабораторски прегледи за жени во тек на бременост и бесплатно породување во сите јавни родилишта во државата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...