Македонската репрезентативка Симона Заборска го освои златниот медал во категоријата -55 кг. на 14. Балканско првенство во карате за сениори/ки, во дисциплините борби и кати во поединечна и екипна конкуренција.
До највисокото место на победничкиот подиум Заборска на Балканијадата што викендот се одржа во Истанбул стигна со четири победи. Совладани беа Анџела Солдо (БиХ), Дугче Демиш (Турција), Јована Георгиева 2-1 и Ана Драшковиќ (Црна Гора).
Во конкуренција на 11 држави и 354 учесници, каратистките на „Макпетрол“ успеаја да освојат две медали еден златен и еден бронзен медал.
– Освојувањето на овој медал е во вистински момент поточно еден месец пред почетокот на Европското првенство за сениори/ки, кое треба да се одржи во Нови Сад, Србија во мај. Се надеваме дека овој успех во голема мерка ќе ја покачи самодовербата кај нашата каратистка и таа ќе биде успешна и на ова Европско првенство – изјави тренерот Бошко Заборски.
Другиот медал за Македонија го освои Наташа Стефановска која во борбата за бронзата беше поуспешна од повеќекратната европска медалистка Јелена Максимовиќ од Црна Гора.