Ахмети сака да владее само со Заев

Впечаток е дека ДУИ дава „отпор“ за Беса, за Ахмети подобро да се позиционира во преговорите со Заев за реконструкцијата на Владата, односно по оставката на Билен Салии од Министерството за правда, да се изборат премиерот да не чепка и во други „нивни“ ресори.

1158

ДУИ не сака да се прошири владината коалиција ни со Беса, ни со ДПА, но сепак одлуката за тоа кој ќе се придружи во Владата ќе ја донесе лично лидерот Али Ахмети, брифираат од ДУИ во пресрет на состанокот меѓу владините партнери, премиерот Зоран Заев и Ахмети, на кој тема ќе биде најавената реконструкција на Владата.

Ова бил заклучокот на Централното претседателство на ДУИ, кое му дало одврзани раце на Ахмети, тој да пресече дали и која од опозициските партии на Албанците да седне на Илинденска.

Висок функционер на ДУИ брифира дека во највисокиот партиски орган преовладал ставот дека не им треба друштвото на Беса, ДПА или Алијансата на Албанците на Илинденска и дека не сакаат да отстапат дел од нивниот владин колач за друга партија да влезе во Владата. Но, и покрај ваквите позиции, на интегративците им е јасно дека Собранието кубури со мнозинство и оти би било добро тоа да се зголеми.

ДУИ се противи бидејќи Беса им беше директен опонент и на парламентарните и на локалните избори и сега не сака да ја гледа во власта.

Од друга страна, како што објаснуваат, јасно им е дека Собранието речиси секојдневно работи на работ на кворум и поради тоа лидерот Ахмети се „изморил“ од честото присуство во парламентот.

Впечаток е дека ДУИ дава „отпор“ за Беса, за Ахмети подобро да се позиционира во преговорите со Заев за реконструкцијата на Владата, односно по оставката на Билен Салии од Министерството за правда, да се изборат премиерот да не чепка и во други „нивни“ ресори.

И покрај најавите дека денеска треба да почнат преговорите за реконструкција на Владата, средбата Заев-Ахмети сѐ уште не е закажана.

Информациите од ДУИ се дека доколку Заев договори проширување, тие во Владата повеќе би ја преферирале Беса на Африм Гаши, но никако не и Беса на Билал Касами.

Според ДУИ, можно е во Владата да влезе и ДПА на Мендух Тачи, што во Собранието би резултирало со плус пет пратеници за владеачкото мнозинство.

Но, од друга страна, неофицијално кај СДСМ нема расположение ДПА со министер да влезе во Владата. Социјалдемократите повеќе преферираат двајцата пратеници на ДПА да го зголемат владеачкото мнозинство, а за возврат да добијат функции од пониските ешалони.

Од ДУИ велат дека засега не се разговарало дали ќе има рокада на министерствата, но додаваат дека ресорот правда не е на барабан и оти ДУИ ќе го задржи. Од партијата на Ахмети на новиот партиципиент на Илинденска може да му го отстапат министерството без ресор, со кое пред да стане градоначалник управуваше Рамиз Мерко.

Наспроти ова, во јавноста веќе се лиферуваат информации дека СДСМ и ДУИ ќе ги разменат „образование“ за „ правда“ иако официјално и социјалдемократите и интегративците негираат дека е разговарано за тоа.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...