Клуч на врата и за ПЗУ „Д-р Огнен Даскалов“, строга контрола и во приватните болници

1013

Уште една приватна здравствена установа за хируршки дејности од Скопје, „Д-р Огнен Даскалов“, доби привремена забрана за работа од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) по направените вонредни контроли иницирани од случајот со ресенчанецот кој пред 20 дена почина од сепса, а по операција на хемороиди направена во ПЗУ „Д-р Митановски“.

Оваа ординација по пластична и реконструктивна хирургија, заедно со „Јанита“ каде бил вработен докторот Ѕвонко Николовски кој го оперирал пациентот, веднаш добија забрана за работа од ДСЗИ, а со случајот се бави и Основното јавно обвинителство.

– Во ПЗУ „Д-р Даскалов“ е утврдено дека направил отстапки од дозволата за работа и  направил промена на условите и на кадарот, односно си доградил операциона сала во меѓувреме, иако од Министерството за здравство немал дозвола за тоа. А медицинската сестра била пријавена на еден месец. Во моментот на надзорот, инспекторите не утврдиле дека имало пациент, а оваа ординација ќе има забрана за вршење на дејноста сѐ додека не ги отклони недостатоците. Има вработено и персонал кој е несоодветен и не треба да биде во супспецијалистичка ординација по пластична и реконструктивна хирургија. Веднаш е изречена забрана за вршење дејност, сè до отстранување на недостатоците. Целото досие е предадено на натамошна постапка во Министерството за здравство, изјави денеска д-р Ирина Сотирова-Бухова, директорка на ДСЗИ.

Нема временски рок до кога ординацијата „Д-р Огнен Даскалов“ е обврзана да ги исполни условите според дозволата, но сè дотогаш ќе биде со лента дека е затворена.

Таа нагласи дека од контролираните пет ЈЗУ за хируршки дејности од Скопје, кај две не биле пронајдени недостатоци.

– Во ПЗУ „Д-р Туџарова – д-р Караџинов“ кои се регистрирани и за општа хирургија, како и во ПЗУ „Промедика Медикал центар“ инспекторите не утврдиле недостатоци во по однос на делување што го контролира ДЗСИ – појасни д-р Бухова.

Таа најави дека вонредните контроли продолжуваат во наредните десетина дена, а следни на ред се приватните општи и специјализирани болници кои се регистрирани за вршење хируршка дејност.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...