Проблемот со контролата на безбедносниот сектор е во отсуството на соодветни правила, критериуми и стрикни процедури, што прво би овозможиле следење на постапките и автоматско повикување на одговорност тогаш кога не се спроведуваат соодветно, но кои ќе овозможат и спречување на самоволието. Кај нас најголем проблем е всушност тајноста, односно 90 отсто од делувањето се подведува под тајно и покрај тоа што има многу елементи што стануваат тајни само за да не бидат контролирани.
Ова го истакна Мирјана Најческа од Институтот за социолошки политички и правни истражувања на јавната дебата на ФОН на тема „Демократска контрола над работењето на институциите на безбедносниот сектор – потреба и предизвици”
Таа оценува дека предлозите во новиот закон во однос на контролата на прислушувањето не нудат таков вид системски решенија што би можеле како да спречат злоупотреба на овие можности, така и да овозможат најсоодветна контрола.
– Она што се нарекува надворешна контрола се уште не е ниту доволно, ниту е пак доволно повеќеслојно за да може да обезбеди заштита на правата на луѓето и нивната приватност пред се. И покрај можноста за формирање на ОТА граѓаните апсолутно се под ризик од прислушување оти, вели, имаме многу малку сознанија. Парламентот се уште не ја презема улогата која може да ја преземе, односно да биде поагресивен кога станува збор за овие работи, а и оние контролни механизми кои во моментов ги имаме како Народниот правобранител се повлечени и прилично млаки во оваа област – рече Најчевска.
За поранешниот министер за внатрешни работи и експратеник Павле Трајанов, коментирајќи ја реформата на контролниот систем на тајните служби, вели дека во РМ треба да се направат суштински, корените реформи на целиот систем и неговата поставеност, во спротивност, вели, нема да има никакви промени во дејствувањето на тајните служби во државата.
– Никаде во светот нема суштинска контрола над тајните служби. Во РМ сега пет можни институции, условно кажано, треба да остваруваат контрола врз таквите служби. Се плашам дека се ќе се релативизира, дека наводно ќе има многу субјекти, но никој од овие субјекти не ќе може да направи конкретна контрола – како се поставени, како делуваат, дали има злоупотреба на системите за прислушување, затоа што ако не се даде приоритет на цивилната, но парламентарна контрола, која треба да биде суштинска контрола составена од експерти, посебна методологија како и на кој начин ќе се контролира, мислам дека ќе направиме многу контролни тела кои нема да имаат суштинска контрола над таните служби – вели Трајанов.
Тој смета дека многу субјекти имаат законска можност да ги користат системите за прислушување, а агенцијата ОТА, која треба да се формира согласно законските измени, вели, ќе биде едно преодно решение кое верува дека во пракса нема да издржи и ќе се оди на посеопфатни реформи. Решението за ОТА, кое како што рече е преземено од Хрватска веќе трпи критики таму дека не може да врши контрола над прислушувањето.
Според адвокатот Звонко Давидовиќ, проблемите во оваа сфера се лоцирани, но веќе подолго време нема решенија. Посочи на истекување на информации од безбедносните служби во врска со „бомбите“.
– Тоа не е во ред, едноставно станува збор за приватизирање на безбедносните служби и големи проблеми кои ги имаме во постапката, а и целиот правен систем и правото и правичноста зависат од тоа – рече Давидовиќ и посочи на случајот „Ореше“, кој се води повеќе од 10 години, каде вели, е злоупотребен институтот „заштитен сведок“ за „местење“ докази и „предизвикување кривични дела“.
Професорот Нано Ружин од ФОН истакна дека според параметрите на Советот на Европа постојат повеќе институции кои би вршеле контрола над безбедносните служби, а тоа се, пред се, Парламентот, судските власти, експерти, но, исто така, и процесите како што се жалбените процеси.
– Кај нас овие елементи постојат, но сепак не се доволно развиени, а денешната дебата е за освестување на сите оние механизми што се неформално употребени во контрола на безбедносните служби – оценува Ружин.
Дебатата е во организација на Факултетот за детективи и безбедност на ФОН на тема „Демократска контрола над работењето на институциите на безбедносниот сектор – потреба и предизвици”, а е во рамки на одбележувањето на 15 години од создавањето на Универзитетот.