Три години затвор за Сашо Мијалков, а 3 години и 2 месеци за Мендух Тачи им досуди судот за предметот „Титаник 2“.
Од поранешните членови на ДИК кои се обвинети најмногу доби Бедретин Ибраими 4 години и 6 месеци додека Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев добија по три години затвор.
Пресудата е првостепена, тие имаат право на жалба до Апелациониот суд во Скопје кој кога ќе се произнесе, пресудата ќе стане правосилна.
Ова е прв случај на СЈО за кој е изречена пресуда, а во кој обвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и единствен во кој на обвинителна клупа се најде лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
Истрагата за „Титаник 2“ беше отворена пред повеќе од три години, на 12 февруари 2016, а обвинение СЈО поднесе на самиот истек на фамозниот рок од 18 месеци, на 29 јуни 2017. Судскиот процес, пак, започна во април лани.
Првично во случајот беа опфатени и петмина судии од Управниот суд, но тие се повикаа на имунитет и обвинението за нив не беше прифатено.
СЈО сите ги теретеше за злоупотреба на службена положба и овластувања освен Сашо Мијалков кого го товареше за примање награда за противзаконито влијание.
Инаку минималната затворска казна за злоупотреба на службената положба и овластувања изнесуваше 5 години, но со последните измени на Кривичниот законик таа се намали.
Според тоа што го тврдеа специјалните обвинители, Мијалков го искористил своето реално влијание и побарал од Тачи да му наложи на Бедретин Ибраими, претставник на ДПА во ДИК, да гласа за усвојување на приговор на ВМРО-ДПМНЕ за Струмица на локалните избори во 2013 година. Тачи, наведуваше СЈО, иако како претседател на партија не е негова должност, противзаконски го поттикнал Ибраими да гласа. Тој заедно со останатите обвинети поранешни членови на ДИК ја злоупотребиле и пречекориле својата положба и го изгласале приговорот иако немало законски основи да биде усвоен. Со тоа, тие му овозможиле на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Струмица, Васил Пишев да учествува во вториот круг на локалните избори, иако тогашниот кандидат на СДСМ, Зоран Заев, требало да победи уште во првиот круг.
Од друга страна, пак, одбраната на Мијалков во судскиот процес и во завршните зборови тврдеше дека не постои ниту еден доказ дека тој презел било какво дејство или го сторил кривичното дело што му се става на товар. Во таа насока, адвокатите посочуваа и оти целото обвинение се насочува врз основа на еден аудио материјал, за кој, како што рече, е противзаконски набавен.
Одбраната нагласуваше и оти одлуката на ДИК за која се вели дека е незаконита, е колективна одлука и потврдена од второстепен орган. Во судскиот процес адвокатите имаа забелешки и на веродостојноста на аудио доказите, за кои како што посочија, биле незаконски стекнати.
Затворските казни нема да се извршуваат веднаш, туку откако пресудата ќе стане правосилна. Тоа ќе се случи кога за жалбите ќе се произнесе и Апелација.