Жените речиси и да не учествуваат во сопственоста, а далеку поретко се и на раководните позиции во медиумите во земјава, покажува прелиминарното истражување на ССНМ, по повод Меѓународниот ден на жената, кое опфати 26 редакции.
Позицијата на сопственикот, управителот и директорот се трите точки во кои се сконцентрирана реалната моќ која де факто решава за вработените и за политиката на медиумот. Во нивна надлежност се одлуките за продавање на медиумот, затворање, прогласување стечај, зголемување на бројот на вработените или технолошки вишок, но и назначување на уредниците што практично им дава овластување и во креирањето на уредувачката политика, покажува истражувањето.
Овие три позиции, според податоците добиени од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, импресуми на весниците и порталите и од информациите добиени од самите вработени, се речиси исклучиво во рацете на мажите. Жените сопственици, управители или директори се повеќе исклучок што го потврдува правилото, особено кај традиционалните медиуми.
Па така, кај телевизиите во однос на сопственоста жените се присутни на ниво на „статистичка грешка“. Од дванасет телевизии кои ги анализиравме, осум се во сопственост на правни лица, три се во 100 отсто сопственост на мажи, а само во една жена учествува во сопственоста и тоа со 10 проценти. За нијанса е подобра ситуацијата во учеството на жени во управувачката структура. Од 12 анализирани во три управители се жени.
Истражувањето на ССНМ покажува дека слична е ситуацијата и во печатените медиуми. Од шест анализирани само еден (неделникот „Фокус“) е во сопственост на жена, која истовремено е и управител. Сите други весници кои ги анализиравме се или во сопственост на мажи или на правни лица кои повторно се во сопственост на мажи и управувани од мажи.
Кај Јавниот сервис чиј што основач е Собранието и државната информативна агенција – МИА судејќи по составот на програмскиот совет односно на надзорниот одбор се внимавало на родовата застапеност, но раководните позиции односно директорувањето кое во пракса значи оперативна моќ, е сепак резервирано за мажи.
Индикативно е дека трендот отстапува кај порталите каде речиси еднакво се застапени и мажите и жените како сопственици и управители. Од петте портали кои ги анализиравме два се во сопственост и управување на жени, два на мажи, а еден е во заедничка сопственост и на маж и на жена. Но, останува фактот дека примерокот во ова прелиминарно истражување е премногу мал, во однос на вкупниот број на портали во земјава, за да може да се извлечат сигурни доминантни трендови.
Според резултатите од истражувањето, движејќи се надолу по степените со помала моќ на одлучување разликата помеѓу мажите и жените постепено се намалува за, кога станува збор за новинари и новинарки, односот комплетно да се смени. Бројот на жени уредници, заменици уредници, раководители на сектори и новинари расте право пропорционално со обезвластувањето на самите позиции.
Така на пример, во 2017 година според АВМУ во МРТВ има за 13 повеќе жени уредници во однос на мажи, односно има 34 мажи и 47 жени уредници. Истовремено жените во МРТВ се речиси двојно побројни и во новинарскиот кадар 159 новинарки наспроти 89 новинари.
Кај комерцијалните телевизии, според истиот извор, сѐ уште доминираат мажи уредници: 59 наспроти 32 уреднички, односно тие се застапени со 35 отсто, иако во бројот на новинари жените се мнозинство, односно учествуваат со 56 проценти.
Жени се главни и одговорни уредници и на три комерцијални телевизии што беа предмет и на ова истражување: Алфа, Канал 5 и ТВ Стар и на два весника: „Вечер“ и „Независен“, а доминираат како уредници и на порталите. Од пет анализирани интернет медиуми жени се уреднички во три, а во два се заменички на главниот и одговорен уредник. Слична ситуација е и во информативната агенција Макфакс и во националното радио Канал 77.
Предмет на анализа беа телевизиите: Сител, Канал 5, Телма, Алфа, Алсат, 24 вести, ТВ 21, 1 ТВ, Шења, Тера, ТВ Стар и националниот сервис МРТВ, агенциите МИА и МАКФАКС, весниците: Вечер, Нова Македонија, Слободен печат, Независен, Заман и неделникот Фокус, порталите: МКД, СДК, Плусинфо, Призма и НОВА како и Радио Канал 77.