Денеска е 8 Март кој се одбележува како ден на борбата за економска, политичка и социјална рамноправност на жените со мажите. Но за жал, насекаде во светот и во нашата земја, тие сѐ уште се соочуваат со негирање на нивните права, со дискриминација и со насилство. Мал е бројот на жени на раководни функции, тие не се правично застапени во структурите за донесување одлуки, а и помалку се платени од мажите за иста работна задача.
Податоците што ги објави Државниот завод за статистика во публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија“ покажуваат дека стапката на вработеност во 2017 година кај жените изнесувала 34,6 и е значително пониска во споредба со онаа кај мажите – 53,6. Исто така, стапката на активност кај жените е пониска и изнесува 44,3, а забележливо е повисока кај мажите – 69,3.
Според Сојузот на стопански комори, жените во преработувачката индустрија и трговијата земаат за 17,9 проценти помала плата за истото работно место како мажите, односно би морале да работат дополнителни 65 дена во годината за да ја остварат истата плата како и мажите.
Процентуалното учество на жените и на мажите во вкупното население во нашата држава е речиси подеднакво, односно 49,9 проценти се жени, a 50,1 процент се мажи. Податоците укажуваат дека жените се подолговечни, односно живеат 3,8 години подолго од мажите т.е. 77,5 години, а мажите 73,7 години.
Од друга страна, најновото истражување на ОБСЕ спроведено минатата година во Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Украина и Косово, покажува дека 70 проценти жени доживеале некаков вид насилство. Околу 16 илјади жени од овие територии биле погоден од некаков вид насилство од својата 15-та година. Истражувањето укажува на фактот дека 60 проценти од 15.000 испитани жени биле психички злоставувани од партнерот, а 45 проценти од биле предмет на сексуално вознемирување.
Во текот на денот ќе се организираат бројни изложби и хуманитарни настани посветени на жената и на нејзината борба за рамноправност со мажите.
Во „Даре Џамбаз“ ќе се одржи хуманитарен базар на ракотворби на здруженијата од Скопје, а во организација на Детскиот културен центар „Карпош“ изложба на тема „Цртам за мојата мајка“ на која децата од предучилишните установи ќе изработуваат честитки и цртежи како ги замислуваат своите мајки и нивната улога во општеството. Уметницата Дороти Пачкова во паркот „Жена борец“ ќе ја претстави изложбата „Жена борец“, а во галеријата „Ко-ра“ ќе биде отворена изложбата „Женски муабети“ на уметницата Гордана Винчиќ.
Меѓу народот на овој ден традиционално и се подарува цвеќе на жената, мајката, бабата.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на жената е поврзан со имињата на Клара Цеткин и Роза Луксенбург. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 година во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911 година овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.