Доцна синоќа е локализиран пожарот, кој вчера попладне избувна кај каменичкото село Дулица. Како што соопшти командирот на противпожарната единица од Македонска Каменица, Малин Трајчевски, причината за пожарот е човечки фактор.
– До доцна во ноќта наша екипа, синоќа учествуваше во гаснење на пожар во село Дулица. Во гаснењето учествуваа двајца пожарникари со едно возило. Помош имавме од локалното население и екипа на шумско стопанство. Пожарот настанал од човечки фактор, т.е. невнимание – соопшти Трајчевски.
Тој додаде дека штетата во пожарот дополнително ќе се утврдува.
За период од седум дена ова е трет пожар кој се случува на територијата на Македонска Каменица. Претходно, пожар се гаснеше во село Саса и кај месноста Каменарски рид.