Колку што е важно секој новинар, уредник, медиумски работник, сопственик на медиум и менаџер во медиум да провери колку е самиот подложен на директни, но и на суптилни корупциски притисоци, односно да спроведе Персонален тест на интегритет (алатка што веќе ја подготви и ја објави Здружението на граѓани Член 16, во рамките на проектот „Лидери во борба против корупцијата – развивање иновативни алатки за борба против корупцијата во медиумите во Република Македонија“), толку е важно да се проценат и ризиците на Редакцијата.
Ова дотолку повеќе што од проценката на ризиците зависи и прилагодувањето на Нулта толеранција сценаријата за отпорност и за реакција на Редакцијата во случаи на корупциски притисоци и корупциско поведение. Здружението Член 16 драфтираше и објави една верзија на такви сценарија, со цел да им помогне на редакциите да ги дефинираат ролјите на актерите во сценаријата и можните постапки.
Од тие причини, драфтиравме една нова алатка, чија цел е новинарите, уредништвата, другите медиумски работници, синдикалните организации и членовите на новинарските здруженија, сопствениците на медиумите и менаџерите, како и на сите други субјекти кои имаат објективни податоци за состојбите во медиумите, да ја проценат нивната подложност на корупција. Се разбира, пожелно е проценките да се совпаднат и да се вршат врз основа на прецизно утврдена метода на квантифицирање, која не исклучува туку поттикнува натамошна дебата за состојбите и изнесување оценки од квалитативна природа.
Во продолжение, ја објавуваме алатката за која станува збор.
ТЕСТ ЗА ПРОЦЕНКА НА РИЗИЦИТЕ НА РЕДАКЦИЈА
ЗА ПОДЛОЖНОСТ НА КОРУПЦИЈА
Овој тест го пополнува секој новинар, уредник, друг медиумски работник, сопственик на медиумот, менаџер во медиумот или друг субјект што има желба или потреба да ги процени ризиците со кои се соочува неговата Редакција за подложност на корупција во сите облици. Под корупциски притисок се подразбира секој обид со класичен поткуп, со нудење одредени материјални или нематеријални услуги, привилегии или користи за новинар, уредник, претставник на менаџментот или за сопственикот на медиумот, новинарите и медиумот да се оневозможат да работат во јавен интерес, а за сметка на интересите на одредени економски или политички групации и центри на моќ, чија што промоција на таков манипулативен начин се смета за манипулативна и општествено неприфатлива.
Тестот е анонимен. Сепак, наспроти тоа, повеќе субјекти можат да ги споредат резултатите на тестирањето што го спровеле врз основа на своите сознанија и перцепции, во обид да изнајдат заедничка и објективна проценка, која може да доведе до дебата и до квалитативни заклучоци за прашањето.
Тестот содржи квантификации и се пополнува со заокружување на еден од понудените одговори на прашањата. Таму каде што е понуден само еден одговор, се заокружува или не се заокружува. На крајот од тестирањето, бодовите се собираат и се споредуваат со понудените квантификации во групниот скор.
ПРАШАЊА
- Дали сопственикот на медиумот (издаваштвото) поседува статут или друг вид на писмен акт во кој на Редакцијата ѝ гарантира уредувачка автономија во рамките на основната и јавно декларирана уредувачка линија, како и декларирана определба за нулта толеранција за било какви директни или индиректни корупциски притисоци врз медиумот?
Да (10 бодови)
Не, но постои акт/документ кој посредно упатува на такви определби на сопствеништвото (5 бодови)
Нe (0 бодови)
- Дали Редакцијата има позитивни искуства во справување со корупциски притисоци од било каков вид, што подразбира енергично отфрлање на таквите притисоци и осуда на субјектите во медиумот, кои подлегнуваат на корупциски притисоци, во одделни случаи иницираат корупциија од страна на субјектите во медиумите, а и молчат за такви случаи наместо да се спротивстават?
Да, Редакцијата има такви богати искуства (10 бодови)
Да, Редакцијата има неколку такви искуства (5)
Не (0 бодови)
- Дали сметате дека сопственикот и менаџментот на медиумот се корумпирани или поттикнуваат корупција во Редакцијата?
Да, тоа со сигурност го знам (минус 30 бодови)
Имам слушнато за тоа, но не располагам со докази што тоа ќе го потврдат (минус 20 бодови)
Не знам (0 бодови)
Не, имам целосна доверба дека сопственикот и менаџментот на медиумот не се корумпирани (30 бодови)
- Дали сметате дека главниот и одговорен уредник на медиумот е корумпиран или поттикнува корупција во Редакцијата?
Да, тоа со сигурност го знам (минус 30 бодови)
Имам слушнато за тоа, но не располагам со докази што тоа ќе го потврдат (минус 20 бодови)
Не знам (0 бодови)
Не, имам целосна доверба дека главниот и одговорен уредник на медиумот не е корумпиран (30 бодови)
- Дали сметате дека уредниците во медиумот се корумпирани или поттикнуваат корупција во Редакцијата?
Да, тоа со сигурност го знам (минус 30 бодови)
Имам слушнато за тоа, но не располагам со докази што тоа ќе го потврдат (минус 20 бодови)
Не знам (0 бодови)
Не, имам целосна доверба дека уредниците во медиумот не се корумпирани (30 бодови)
- Дали сметате дека новинарите и другите медиумски работници во Редакцијата поттикнуваат корупција со своето поведение, односно самите бараат и прифаќаат поткуп, подароци од изворите на информации и други материјални и нематеријални добра и привилегии кои не потекнуваат од нивниот работодавач?
Да, тоа е вообичаена пракса во нашиот медиум (минус 30 бодови)
Да, но станува збор за поединци, чие поведение не се осудува и казнува (минус 20 бодови)
Да, но станува збор за поединци, кои продолжуваат со своето поведение иако тоа се осудува и се казнува (минус 10 бодови)
Не знам (0 бодови)
Не (30 бодови)
- Дали во Редакцијата просечната плата на новинарите со стаж до 5 години е еднаква и повисока од просечната плата на вработените во земјата?
Да (10 бодови)
Не (0 бодови)
- Колкав е процентот на новинари и други медиумски работници во Редакцијата кои имаат засновано работен однос на неопределено време?
90-100 % (15 бодови)
80 – 90 % (10 бодови)
70 – 80 % (5 бодови)
Помалку од 70 % (0 бодови)
- Дали сопствениците или менаџментот на медиумот, спротивно на етичките стандарди на професијата, бараат новинарите и медиумските работници некритички да пишуваат или на било кој друг начин да учествуваат во креирање на содржини со кои се фаворизира одредена компанија, политичка партија или друг субјект, или обратно, неумерено и тенденциозно се критикуваат и напаѓаат други субјекти?
Да, редовно (минус 30 бодови)
Да, повремено (минус 20 бодови)
Не, но тоа се подразбира од уредувачката политика на медиумот (0 бодови)
Не, напротив, тие поттикнуваат уредувачка автономија и строга поделба на известувањето за фактите од коментирањето (30 бодови)
- Дали сопствениците или менаџментот на медиумот бараат уредниците, новинарите и другите медиумски работници да обезбедуваат реклами и пи-ар објави за определен надомест (процент), или да ги поттикнуваат своите извори на информации да го прават тоа?
Да, тоа е вообичаена пракса во Редакцијата (минус 30 бодови)
Да, но тоа се случува само повремено (минус 20 бодови)
Не знам (0 бодови)
Не, тоа е строго забрането во Редакцијата (30 бодови)
- Дали сметате дека уредништвото на Редакцијата е способно бескомпромисно да му се спротивстави на сопственикот и на менаџментот во случај на корупциски притисоци?
Да, тоа до сега и се случило (50 бодови)
Да, имам впечаток дека е способно (30 бодови)
Имам впечаток дека ќе се спротивстави, но не сум сигурен дека единствено ќе издржи под притисокот (20 бодови)
Не знам (0 бодови)
Не, не е способно (минус 20 бодови)
Не, не само што не е способно, туку сопственикот, менаџментот и уредништвото дејствуваат заедно и не очекувам никакво спротивставување во таков случај (минус 50 бодови)
- Дали сметате дека новинарите и другите медиумски работници во Редакцијата, самостојно или поддржани од синдикалната организација или членови на новинарски здруженија, се способни да им се спротивстават на уредниците или на сопственикот и менаџерите на медиумот, во случај на корупциски притисоци?
Да, тоа до сега и се случило (50 бодови)
Да, имам впечаток дека се способни (30 бодови)
Имам впечаток дека ќе се спротивстават, но не сум сигурен дека единствени ќе издржат под притисокот (20 бодови)
Не знам (0 бодови)
Не, не се способни (минус 20 бодови)
Не, не само што не е способни, туку се навикнати на праксата на корупциски притисоци и ја оправдуваат, чувајќи ги така своите работни места и стекнати привилегии (минус 50 бодови)
- Дали во вашата Редакција, на состаноци или на друг организиран начин, се разговара за проблемот на корупција во медиумите?
Да, често (20 бодови)
Да, ама ретко (10 бодови)
Не (0 бодови)
РЕЗУЛТАТИ
Од минус 280 до минус 140 бодови
Вашата Редакција е под екстремно висок ризик од корупциски притисоци. Мошне е веројатно дека повеќе актери во неа се подложни на корупциско поведение. Тоа го урива кредибилитетот на медиумот. Препорака е за ова прашање сите субјекти во медиумот да поведат итна расправа, да го регистрираат проблемот и да побараат решенија за негово надминување.
Од минус 140 до 0 бодови
Вашата Редакција е изложена на висок ризик од корупциски притисоци, со кои веројатно тешко се справува. Резултатот треба да ве поттикине на разговор за соочување со проблемот и за организирање активности тој да се надмине во што покус рок.
Од 0 до 120 бодови
Вашата Редакција не е под висок ризик од корупциски притисоци, бидејќи веројатно поседува елементарни капацитети за справување со нив. Потрудете се да ги анимирате сите актери да ги унапредите капацитетите и особено волјата да се спротивставите на ова зло.
Од 120 до 240 бодови
Вашата Редакција несомнено има и волја и капацитети да се справи со корупциските притисоци. Претпоставка е дека актерите добро соработуваат на овој план. Резултатот сфатете го како поттик да ги унапредите антикорупциските практики во вашата Редакција.
Од 240 до 345 бодови
Вашата Редакција се доближува до идеалот нулта толеранција за корупцијата од секаков вид. Тоа најверојатно се должи на високиот степен на персонален интегритет на главните актери, но и на постоење на искуства од антикорупциски практики. Продолжете во таа насока и потрудете се да бидете што подобри.
/Проектот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Граѓанските организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Содржината е единствена одговорност на авторитети на Здружението на граѓани за одбрана на слободата на говорот и на јавното изразување „Член 16“ и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија./