УЕФА може да преземе дисциплински мерки против ѕвездата на Париз Сен Жермен, Нејмар. Причината се зборовите на фудбалерот упатени кон судијата на реванш-дуелот од осминафиналето на Лигата на Шампионите против Манчестер Јунајтед.
Бразилскиот репрезентативец може да добие казна од цели три средби, иако дури и не зеде учество во овој дуел. Напаѓачот беше повреден и го проследи несреќниот за неговиот тим натпревар од трибините.
ПСЖ сензационално беше елиминиран по 1:3 во вториот дуел по подоцнежен пенал, исполнет од Маркус Рашфорд.
– Ова е срамно. Се потпираме на четворица луѓе, кои не се разбираат од фудбал, да гледаат на забавено повторување пред телевизорот. Нема ништо. Каде тој (Кимпембе) да ги ставе рацете – напиша Нејмар на социјалните мрежи.
Неговата изјава може да биде проблем, бидејќи ги прекршува правилата на УЕФА. Во Член 11 од дисциплинскиот правилник на УЕФА се наведува дека ако „однесувањето на играч е навредливо или на друг начин ги крши основните правила за достојно однесување, може да бидат преземени дисциплински мерки против него“.
ФОТО: EPA / IAN LANGSDON