Канадскиот парламент ќе го ратификува Протоколот годинава

131

Канадскиот парламент се очелува во текот на годинава да го ратификува пристапниот Протокол за членство на Република Северна Македонија во Алијансата. Ова било пренесено на државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски при посетата на Канада.

Димовски остварил средби со Јан Шугарт, заменик министер за надворешни работи и Алисон Леклер, генерален директор за Источна Европа и Евроазија во канадското МНР.

– На средбите во Отава со високите претставници на канадското МНР, беше разговарано за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Канада, како и евро-атланската интеграција на нашата држава. Соговорниците го поздравија влегувањето во сила на „Преспанскиот договор“ и потпишувањето на пристапниот протокол за членство во НАТО, како и конструктивната политика со земјите од непосредното и поширокото соседство што придонесува кон градење на долготрајна стабилност на регионот. Воедно ја потенцираа принципиелната поддршка на Канада на нашата држава, при што од канадска страна, информираа дека се очекува канадскиот парламент во текот на оваа година да го ратификува пристапниот Протокол за членство на Република Северна Македонија во Алијансата, стои во соопштението.

Димовски се заблагодари за континуираната поддршка од Канада за остварување на стратешките приоритети на нашата земја, и изрази очекување дека канадскиот Парламент наскоро ќе го ратификува пристапниот протокол за полноправно членство во НАТО. Исто така, го истакна интересот за натамошно унапредување на односите и соработката помеѓу двете пријателски држави, со нагласок на економската соработка, на потребата од дозаокружување на договорната рамка, како за размена на искуства во градењето на одржливо мултикултурно општество.

 

.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...