Сѐ уште не се знае причината за смртта на бебето од Струмица, кое по раѓањето дома било фрлено во јама. Телото на починатото бебе, кое било родено по 9-месечна бременост, пред два дена било предадено на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје. Случајот оттогаш е во рацете на струмичкото јавно обвинителство.
– Уште траат анализите кои ќе ја утврдат причината за смртта на бебето. Но секако, обдукцијата ќе може да утврди дали тоа било живо родено, има ли повреди, како и колку живеело по раѓањето, доколку било живо родено – ни изјави директорот на Институтот, д-р Александар Станков.
Мајката на ова несреќно бебе е 18-годишна девојка од Струмица која во болница се јавила откако бебето било родено, но, според изјавите на лекарите од оваа установа, како причина за прегледот било наведено крвавење при сексуален однос, а не породувањето. Дека таа и се породила, било дополнително утврдено по гинеколошкиот преглед.
Дали и вработените во Центарот за социјални работи во Струмица се занимаваат со овој случај, се обидуваме да дознаеме, но попусто. На телефонот кој ни го посочија од центарот од Дојран, дека е од раководителот Зоран Манев, 034 325 401 постојано е зафатено, а на вториот, 034 324 377 никој не се јавува.