За ВМРО-ДПМНЕ немаше адвокат, судијата порача оти само виша сила ќе го одложува судењето

649

И по вториот обид не можеше да започне судењето за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ во предметот „Талир“ на СЈО.

Причината беше тоа што денеска на рочиштето немаше адвокат за партијата која е обвинета како правно лице, а нејзиниот денешен претставник во судницата, портпаролот Наум Стоилковски, рече дека адвокатот Дончо Наков сега го известил дека не може да дојде, а причината не му е позната и кажа оти не сака да настапува без бранител.

Судијата Осман Шабани порача дека повеќе нема да толерира и само виша сила ќе го спречи стартот на судењето.

– Јас овојпат ќе го одложам рочиштето, но јавно ќе соопштам дека за наредни рочишта ќе имаат сериозни последици за странките. Ги знаете термините, само виша сила ќе го одложи судењето – рече Шабани.

Тој следното рочиште го закажа за 2 април.

Претходното рочиште се одложи поради отсуство на обвинетиот пратеник Илија Димовски бидејќи тој беше на Парламентарно собрание на НАТО во Брисел како шеф на делегација.

На обвинителна клупа отсуствува и Никола Груевски, кој лани во ноември избега во Будимпешта. Сите другите обвинети се појавија во судница. Заедно со Груевски во овој случај, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески се обвинети за „злоупотреба на службенатта положба и овластувања“ и „перење пари“, додека Димовски со уште двајца други обвинети, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска, се товарат само за делото „перње пари“.

За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ. На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди, бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.

СЈО поднесе уште еден обвинителен акт за предметот „Талир“ што се однесува на незаконската изградба на седиштето на партијата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...