Тренерот на Металург, Данило Брестовац, изрази незадоволство и разочарување од изданието на својот тим по поразот од Татран Прешов синоќа во меч од 17 коло на регионалната СЕХА лига.
– Не сум задоволен ниту од нападот ниту од одбрана. Не можеме да играме вака. Свесен сум дека имаме млад тим, но ова е неприфатливо за тим што се натпреварува во СЕХА-лигата и во Лигата на шампионите. Овие млади ракометари мораат да докажат дека заслужуваат да играат во овие лиги. Ништо не е однапред дадено, морате да се борите за својата шанса, изјави Брестовац по мечот.
Голманот на „металурзите“, Даниел Дупјанчанец изјави дека тимот се соочил со квалитетен тим кој на крајот ја заслужил победата.
– Првото полувреме беше добро, но на почетокот на вториот дел пропуштивме неколку изгледни шанси, дури и кога имавме вишок од двајца ракометари, и мислам дека оваа низа ја однесе математиката во за нас погрешна насока, изјави Дупјанчанец.
До крајот на групната фаза во СЕХА-лигата за тимот од Автокоманда остана уште средбата со Војводина, која ќе се одигра во Скопје на 12 март.