За тие што не се на „Т“ нема да татнат „бомби“ во судница

Според она што се предвидува со новото законско решение, се чини најголемо внимание на јавноста привлече тоа што „бомбите“ нема да важат како докази во предметите отворени по 30 јуни 2017. Интересно е тоа што најголем дел од случаите каде аудио-снимките остануваат да важат како доказ пред судот се тие на „Т“, додека предметите чии кодни имиња почнуваат со друга буква се оние каде аудио-снимките нема да се пуштаат во судница.

648

Али Ахмети, Бујар Османи, Антонио Милошоски, Зоран Ставревски, Никола Тодоров, Стевчо Јакимовски, Силвана Бонева, Орце Камчев, Цветан Панделески се дел од поранешните функционери и бизнисмени чии гласови нема да одекнуваат во судница како дел од „бомбите“ кои ги има Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Тоа е предвидено со новиот Закон за јавно обвинителство кој го предлага Министерството за правда, а кој вчера помина на владина седница и се испрати во Собрание. За да се донесе тој, власта повторно ќе тргне во поход по 80 пратеници и се надева дека ќе се донесе месецов за да може Европската Унија да го нотира и тоа во извештаите бидејќи можеби е и најважниот закон за отворање на преговорите.

Со новото законско решение СЈО оди под капата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, ќе има надлежност за гонење висока корупција односно за дел од делата против изборите и гласањето, перење пари, поткупи, злоупотреби на службени положби, јавни набавки итн. Ова обвинителство ќе ги истера до крај и предметите по кои веќе постапува, а токму најинтересно е каква судбина е испишана за „бомбите“ и предметите кои ги отвори тимот на Катица Јанева по истекот на спорниот рок од 18 месеци.

Обвиненијата кои се поднесени до 30 јуни 2017 година, како и предметите за кои судењата се во тек, СЈО ќе продолжи да ги застапува. Во нив спаѓаат: трите случаи поврзани со изборните нерегуларности познати како „Титаник“ во кои е обвинето речиси целото поранешно раководство на ВМРО-ДПМНЕ; „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на масовното прислушување и обвинети се Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски и други; предметот за рушењето на „Космос“ познат како „ТНТ“ каде се опфатени Никола Груевски и Миле Јанакиески; „Траекторија“ поврзан со изградбата на автопатите во кој на обвинителна клупа се Груевски и Јанакиески, но и Владимир Пешевски; случајот „Тендери“ против Елизабета Канческа Милеска; итн.

Кога се во прашања обвиненијата и истрагите покренати по споменатиот датум, според надлежностите предвидени во Предлог-законот со кои се разграничува СЈО, од останатите обвинителства ќе се одлучува на кого ќе му припаднат: дали на тимот на Катица Јанева или на Вилма Русковска која го води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција или, пак, на некое од основните јавни обвинителства.

„Бомбите“, пак, ќе важат како доказ само во предметите за кои имаше обвиненија до 30 јуни 2017. Во сите други СЈО ќе може да ги користи само како индиции и врз основа на нив да бара докази со кои ќе докажува евентуална вина на некого. Тоа значи и дека освен обвинителите и истражителите, јавноста ќе нема можност да ги слушне прислушуваните разговори во судниците како што беше случај до сега кога тие се пуштаа како докази.

Меѓутоа, тоа што СЈО ќе може да ги користи „бомбите“ и понатаму, иако само како индиции, не значи дека тоа ќе може да го прави бесконечно. „Чарлиевите ангели“ ќе имаат рок да ги обработуваат овие материјали до 15 септември 2020. Во нивните фиоки аудио-снимките ќе останат сѐ додека траат судењата со кои се поврзани тие, а откако ќе има пресуда и таа ќе стане правосилна СЈО ќе треба да ги чува уште една година. Потоа „бомбите“ ќе се уништат исто како што се уништуваат материјали собрани со ПИ мерки во сите останати предмети.

Во Предлог-законот се предвидува и што ќе се случува со обвинителскиот кадар. Катица Јанева ќе остане на чело на СЈО уште една година. За останатите обвинители, како Фатиме Фетаи, Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Лиле Стефанова и други, се предвидува тие да останат дел од тимот најмногу до две години. Тимот ќе се ротира на тој начин што Советот на јавни обвинители на секои шест месеци во три наврати ќе избира по четворица нови обвинители кои ќе станат дел од СЈО, а на четворица други ќе им го прекинува мандатот.

Од споменатите одредби за ова обвинителство во новото законско решение, се чини најголемо внимание на јавноста привлече тоа што „бомбите“ нема да важат како докази во предметите отворени по 30 јуни 2017. Интересно е тоа што најголем дел од случаите каде аудио-снимките остануваат да важат како доказ пред судот се тие на „Т“, додека предметите чии кодни имиња почнуваат со друга буква се оние каде аудио-снимките нема да се пуштаат во судница.

Меѓу овие предмети е во моментов и најактуелниот случај на СЈО познат како „Империја“ каде осомничени се Сашо Мијалков, Орце Камчев, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ и уште девет други лица кои се осомничени за низа кривични дела, како: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и др. Обвинителството се сомничи дека преку фирми се избрани околу 11 милиони евра.

Од актуелните случаи тука е случајот „Талир“ чиј судски процес е на самиот старт, но „бомбите“ нема да бидат доказ во него бидејќи обвинение се покрена дури во ноември 2018-та. Предметот се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, како и изградбата на Белата палата. Обвинети се самата партија како правно лице, но и Никола Груевски, Миле Јанакиески, Илија Димовски и уште две лица.

Во оваа група предмети влегува и единствената истрага каде осомничен е лидерот на ДУИ, Али Ахмети, заедно со неговиот поранешен коалиционен партнер и експремиер, Никола Груевски. Станува збор за случајот „Попис“ кој се однесува на пропаднатиот обид за попис во 2011 година.

Во случај да се покрене обвинение, „бомби“ нема да одекнат во судница ниту во предметот против актуелниот вицепремиер Бујар Османи. Тој е еден од 15 осомничени во случајот „Пациент“ кој го опфаќа времето кога Османи беше министер за здравство, а се однесува на тендери за изведба на градежни и занаетчиски работи во повеќе болници во државата.

Во оваа група предмети влегува истрагата за уште еден ексминистер за здравство, Никола Тодоров, која се води под името „Рентген“, а каде тој е осомничен дека при набавка на рентген и друга опрема за радиолошки служби, наводно сторил кривично дело злоупотреба на службена положба со фаворизирање на една од фирмите која учествувала на тендерот.

Во Кривичен ако дојде до судски процес за случајот „Моќник“, од аудио-снимките нема да се слушне ниту пратеникот Антонио Милошоски. Предметот се однесува на тоа дека во 2011 година преку измама се распродавал државен и општински имот кај Македонски Брод, а заедно со пратеникот се осомничени и неговиот татко и поранешен градоначалник на Брод. Во овој случај, била нарачувана и лустрација на судија.

Без „бомби“ како доказ, туку само како индиција, обвинителите ќе треба да ја докажуваат и вината на поранешните министри Зоран Ставревски и Миле Јанакиески за „Подарок“ кој се однесува на затворањето на рускиот клириншки долг кон Македонија.

Листата на оваа група предмети може да се надополни и со истрагата „Дизајн“ против поранешниот директор на ЈСП, а сега генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, за 202 двокатни автобуси.

Тука е и предметот „Друмарина“ за лажните фискални сметки и патни трошоци на поранешната пратеничка Силвана Бонева.

Купувањето на медиуми со државни пари во истрагата за „Пропаганда“, исто така, ќе се докажува без телефонските разговори. Тука осомничени се девет лица, меѓу кои и: Никола Груевски, Кирил Божиновски, Ацо Мисајлоски и Марјан Цветковски.

Низата на предмети од оваа група продолжува и со случаите „Актор“, Поштенска банка“, „Базни станици“, „Хармонија“, „Лидери“, „Тарифа 2“, „Табла“…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...