И кај матичен гинеколог ќе може да се направи прекин на бременоста до деветтaта гестациска недела, и тоа само со апчиња, без медицинска интервенција, предвидуваат измените на Предлог-законот за прекинување на бременоста кои завчера беа дискутирани на јавна расправа во собраниска комисија.
Гинеколозите ја поздравуваат оваа новина, но за таа да може да се применува во ординациите, недостигаат соодветните лекови кои допрва ќе треба да се увезат во земјава. Во дел од скопските аптеки сега ги има само апчињата „Ден потоа“ („norlevo“), за ургентна контрацепција, кои се пијат до 72 часа по незаштитен сексуален однос, или при незгода со пукнат кондом, додека за прекин на бременоста до 9. недела се неопходни други хормонски лекови кои засега ги нема во аптеките во земјава.
Д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на гинеколози на РМ, вели:
– За овие лекови ќе треба да се даде дозвола за увоз на една од фирмите од МАЛМЕД (Агенција за лекови) за да почнат да се увезуваат во земјава. Има едни лекови „Ден потоа“, но тие се за превенција, додека таблетите за прекин на бременоста ги нема кај нас, а кој сака, сега ги купува од странство. Кој и да ги увезе, претпоставувам дека тие нема да се на позитивната листа, туку ќе бидат на приватно. Овие измени на законот, кои го овозможуваат прекинот на бременоста со таблети и за пациентките и за нас секако е многу поприфатлив начин за овој чин, бидејќи досегашниот метод со киретажа и анестезија никаде во Европа не се прави! За рана бременост тоа е најсуров начин што досега се применуваше – вели д-р Филиповски.
Д-р Душко Филиповски
Можноста бременоста да се прекине до 9. недела и кај матичните лекари, нагласува тој, значи дека ќе се следи пациентката.
– Секое ординирање на хормонската терапија мора да е под контрола на гинеколог и ги поздравуваме измените на законот, кои беа дебатирани и на јавна расправа. Прекин до 9. гестациска недела значи поминати 9 недели од првиот ден на последната менструација. Оваа новина, до овој термин да може да се прекине бременоста со таблети е најсофистицираниот и најпрефинет начин да се практикува оваа метода. Досега имаше случаи кога пациентки на своја рака сами ги купувале овие таблети во странство и ги пиеле, но се јавуваа крварења, па на крајот мораа да признаат дека ги користеле за да абортираат. Ова е хормонска терапија која мора да биде под надзор на гинеколог – нагласува д-р Филиповски.
Досега дел од овие процедури се изведувале „на диво“ во дел од гинеколошките ординации во земјава.
Од име на матичните гинеколози, Филиповски предлага во законот да биде воведена уште една метода.
– Кога станува збор за прекин на бременоста, кај матичните лекари би можела да се врши и ендометријална вакуум апсорпција, процедура која може да се направи во првите пет-шест недели од бременоста, пред да се јави срцева акција, кога има само плодова вреќичка. Оваа можност во досегашниот закон не постоеше и предлагаме да биде воведена во предлог измените. Оваа метода во Европа се нарекува „регулирање на менструален циклус“, бидејќи се прави без анестезија, без потреба од трансфузија на крв, трае кратко и најважно е што е безбедна по пациентката. Но, за таа да може да се примени, најважно е штом жената забележи дека е бремена, со тест од крв или урина, веднаш да реагира, доколку сака да ја прекине бременоста – додава д-р Филиповски.
Предноста е што и оваа процедура, како и таа со таблети, е едноставна, без непотребни компликации по здравјето и животот на жената.