Коалицијата на власт ги договори темелите на новото законско решение за јавното обвинителство со кое се решава и статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во рамките на Основното јавно обвинителство, но опозицијата е категорична дека нема да отстапи од ставот дека за ова прашање треба да се разговара на лидерска средба.
На прашање на Плусинфо дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи предложеното решение кое за да помине во Собрание е потребно двотретинско мнозинство, Наум Стилковски, портпаролот на опозициската партија истакнува дека неопходно е да има разговори со сите политички лидери затоа што станува збор за реформски закон во обвинителската сфера, кој не може да биде скроен само по желба на власта.
Партијата потсетува дека Законот за СЈО беше донесен со консензус на сите политички партии и не треба сега власта да бега од фактот дека СЈО е производ на политички чин.
Опозицијата вели дека обвинителката Катица Јанева не може да добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ поради уцените што му ги испорачала кон нивниот лидер Христијан Мицкоски.
Мицкоски во телевизиско гостување неодамна рече дека имал непристоен предлог од шефицата на СЈО. Тој обвини дека Јанева во замена за поддршка и продолжување на мандатот на СЈО, нудела одмрзнување на имотот на партијата. Токму поради тоа, како што рече Мицкоски, нема да поддржи обвинителство во овој состав и на чело со Јанева.
Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од која ќе се бара поддршка за новото законско решение објаснува дека неговата партија не е против правдата, туку против селективната правда и затоа партијата бара лидерска средба. Мицевски вели дека освен за СЈО, има и многу други прашања за кои треба да се преговара и да се донесе заедничко решение.
– Сè уште нема одговор од власта во однос на нашето барање јавниот обвинител да се избира по предлог на опозицијата. Немаме договорени детали ниту за останатите реформски закони – потсетува Мицевски.
Освен ВМРО-ДПМНЕ, лидерска средба сметаат дека треба да има и во независната пратеничка група на осумтемина пратеници од каде што потсетуваат на консензусот што беше постигнат кога падна договорот за СЈО.
Премиерот Зоран Заев денеска од Кавадарци најави лидерска средба.
– Верувам дека во најскоро време ќе се одржи лидерската средба, како што ќе му одговара и на шефот на опозицијата – рече Заев.
На нашето прашање дали осумтемина пратеници ќе го поддржат предожениот закон од Владата со кој ќе се овозможи обвинителството што сега го води Катица Јанева да се припои кон Основното јавно обвинителство, пратеничката Нола Исмајлоска вели дека одговорот ќе го имаат откако детално ќе го разгледаат предлогот.
Во врска со потребата од заеднички разговори со лидерите на партиите за новиот закон, Исмајлоска посетува дека нивната пратеничка група меѓу првите побарала средба затоа што договорот за СЈО претходно беше постигнат со консензус, но и поради тоа што има и други отворени прашања за другите реформски закони.