Покривот во „Стив“ ќе им падне во очи и на ревизорите

341

Ревизија на проектот во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, најави директорот на Државниот студентски дом „Скопје“, Дарио Николовски. Ова следува по вчерашните вести дека плафон од тоалет паднал во студентскиот дом. На социјалните мрежи се дебатираше каде е вината за условите во кои живеат студентите во нашата држава.

Според Макфакс, студент изјавил дека ова не е прв ваков случај, како и дека секој знае, а никој не презема активности за да се спречат ваквите немили настани.

– Во 2008 година се реновирани собите во таа зграда, а во 2009 година се завршени. Се правело приспособување на собите. Таму претходно никогаш немало тоалети во соба, туку на кат имало заеднички тоалет. Кога се правело реновирањето, собите се приспособени да имаат тоалет, но веројатно поради тоа што овој проблем и во минатото се случувал, не само сега откако јас сум директор овде, не е ставена изолација или не е ставена баш таква каква што треба. Водата си го прави своето, таа создава влага, која подоцна ги оштетува материјалите и се случува ова што се случува, да падне покривот – вели Николовски за Плусинфо.

Тој додаде дека за среќа немало повредени.

– Собата се санира, во текот на денот треба да биде завршена. Јас, во меѓувреме, ќе ги отворам сите документи за санацијата што е направена претходно за да видам и кој извршил надзор и што е вметнато, а што не е, и ќе побарам да се направи ревизија на проектот – рече Николовски.

Тој информира дека двата блока во студентскиот дом „Гоце Делчев“ се реновирани.

– Блоковите се завршени, пред некои десеттина дена се преземени од Државниот членски центар од страна на Министерството за образование. Во следниов период треба да се распише тендер за опремување со мебел и со тоа ќе бидат веќе комплетно спремни. Здравје Боже, од наредната учебна година да бидат во функција – вели Николовски.

Во план е да се реновира и студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“.

– За „Кузман“ исто како за „Стив“, има што да се реновира, трошоците би влегле во преговорите што ги има Владата и Министерството за финансии заедно со Министерството за образование со Владата на Германија, околу помошта за реновирање и реконструкција. Дел од средствата се предвидени во буџетот на оваа година на Министерството за образование. Така што и „Кузман“ и „Стив“ се во план за реновирање, но јас како директор би дал приоритет на „Стив“ – нагласи Николовски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...