Нема посериозни промени на годинашната листа на „Форбс“ за најбогати луѓе на светот, која е објавена денеска.
Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, и натаму е на првото место пред Бил Гејтс и Ворен Бафет, иако Марк Закерберг паднал за три места, а Мајкл Блумберг скокнал за две.
Според класификацијата на „Форбс“, богатството на 55-годишниот Безос пораснало за 19 милијарди долари во последната година и достигнало 131 милијарда долари. Сепак, не е познато дали Безос ќе биде симнат од „тронот” на најбогатите по разводот од сопругата, кој е во тек.
Најбогата жена во светот е Франсоаз Бетанкур Мејерс, наследничка на козметичката империја „Лореал“, со богатство од 49,3 милијарди долари.
Контото на 65-годишната Бетанкур Мејер е значително зголемено во текот на минатата година и тоа за 7,1 милијарда долари, односно 17 проценти. Таа е единствената ќерка на Лилиан Бетанкур, која во текот на 14 години ја имаше титулата „најбогата жена во светот“, пред да почине во 2017 година. Во заедничкјата класификација на најбогатите луѓе во светот, Франсоаз Бетанкур Мејерс е на 15. место.