На 14 март пред пратениците во Собранието ќе се најде предлогот за формирање ново министерство кое ќе биде за политички систем и односи меѓу заедниците. Тоа, всушност, ќе биде Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор за кој група пратеници предлагаат да прерасне во министерство.
Со личноста што ќе застане на чело на тој ресор, бројот на министри и вицепремиери во Владата на Зоран Заев најверојатно ќе остане непроменет, односно 25, бидејќи извесно ќе биде укинувањето на функцијата вицепремиер задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем на која во моментов се наоѓа Хазби Лика.
Дури и да не се формира новото министерство, Република Северна Македонија ќе биде меѓу водечките европски земји по бројност на владиниот состав иако СДСМ додека беше во опозиција ветуваше дека ќе ги намали министерските позиции.
Еден од предлагачите на законот за ново министерство е и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, кој за Плусинфо вели дека тоа нема да предизвика никакви дополнителни трошоци или вработувања и оти во новото министерство ќе дојде до концентрација на неколку институции во една: Управата за афирмирање на културата на заедниците, Управата за афирмирање на образованието на заедниците итн. Планираните средства во Буџетот од овие институции ќе се префрлат на сметката на новото министерство.
– Двата предложени закона од страна на пратеници се согласно неодамнешното заокружување на Рамковниот договор и подготвеноста на нашето општество да прејде во следната фаза кон градење на едно општество за сите граѓани. Препораката за трансформација на секретаријатот за Рамковен договор во Министерство извира од извештајот на Европскиот мировен институт и ОБСЕ, поддржан од Европската комисија во своите последователни извештаи за напредокот на имплементацијата на Рамковниот договор. Тој извештај е усвоен и од минатата влада – вели Митрески.
Ако се направи споредба со државите кои се со слична бројност на жители, но и со земјите од регионот ние рушиме рекорди.
Така, на пример, во Словенија Владата има вкупно 17 члена, премиерот Марјан Шарец и уште 16 министри од кои шестмина се и вицепремиери. Во Естонија, каде има околу 1,4 милиони жители, владата на премиерот Јури Ратас е составена од 14 министри. Швајцарија, која е конфедерација, има седум министерства, еден канцелар и двајца заменици-канцелари.
Од земјите во регионот, пак, со бројност, најблиска ни е Србија чија влада заедно со премиерката Ана Брнабиќ брои 22 члена. Владата на Бојко Борисов во Бугарија, пак, е составена од вкупно 19 министри и вицепремиери. Во Хрватска тимот на премиерот Андреј Пленковиќ, брои еден член повеќе – 20. Кога се во прашање поголемите земји, пак, ние повторно имаме повеќе. На пример, шпанската влада брои 17, данската и шведската имаат по 22 члена итн.
Шекеринска ветуваше не повеќе од 20 министри
Додека и по речиси од две години од формирањето на владата на СДСМ, досега нема официјални најави за скратување на владиниот состав, јавноста сѐ уште ги памети ветувањата на партијата додека беше во опозиција.
Потпретседателката на владејачката партија, а сега вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска уште во 2015 ветуваше дека бројот на министерствата ќе го намалат на максимум 20.
– Македонија е убедлив негативен рекордер, 26 министри – и да се два милиона (население н.з.) што не се, на 81.000 луѓе во државата имате по еден министер. Ако ја погледнете Гeрманија на пет милиони луѓе – еден, ако проверите Естонија, еве земји блиски по големина со Македонија – Латвија, Естонија, ќе видите 90, 100, 150 илјади граѓани на еден министер. Тоа сметаме дека мора да се промени. Бројот на министри во Владата на СДСМ нема да надмине повеќе од 20 и ќе гледаме тој број да се намалува, а ќе почнеме разговори со сите други партии во парламентот за да го намалиме и бројот на пратеници помеѓу 90 и 100, што сметаме дека најмногу ќе одговара на Македонија – велеше тогаш Шекеринска.
Владата во Естонија
Владата во Словенија
Владата во Швајцарија
Владата на Македонија пред реконструкцијата