Негативната селекција триумфира во Македонија

Државата и партијата се Левијатан во чии прегратки наоѓа заштита најбројната партизирана администрација во регионот, составена од медиокритети и неспособни апаратчици.

1779

51 отсто од именуваните лица немаат искуство од областа на работата на институциите. Само 29 отсто од управувачките структури им припаѓаат на жените.
Честит 8 Март.

Системот на негативна селекција триумфира во Македонија, токму пред очите и според волјата на оние кои ветуваа револуција.

Македонија, бирократизирана, клиентелистичка, пренормативна, а сето тоа води кон ендемска корупција. Државата која се контролира, која дели субвенции, е најкорумпирана држава, а во исто време и најскапа, затоа што отвора нови институции и нови министерства. Политиката буквално ја јаде државата и осиромашеното општество.

Авторитарноста лежи токму во преголемата нормативност, во криењето зад позитивните законски прописи, во арбитрарноста, во самоволието и во насилието на политиката.

Земја сме со најголем број министри и советници во целиот регион, па и пошироко, надминувајќи далеку поголеми и побогати земји. Државата и партијата се Левијатан во чии прегратки наоѓа заштита најбројната партизирана администрација во регионот, составена од медиокритети и неспособни апаратчици.

„Нема посурова тиранија од онаа која се врши под заштита од законот и во име на правдата“, ќе напише Монтескје.

Без департизација, илузорно е да се надеваме на владеење на правото, ма каков сака закон да се донесе или реформа на хартија да се напише.

Македонија нема поделба на власта и своите институции не ги зајакнува, за утре ниеден поединец да не може да влијае врз нив, зависно од неговото расположение, еуфорија или посткоитална депресија.

И еве, да се вратам на почетокот. Сиромашна и мала земја како Македонија, не може да си дозволува половина од своите кадри да немаат врска и никакво знаење за работата за која се поставени. Или, пак, 70 проценти од жените да бидат исклучени од раководни позиции.

Разликата помеѓу реалноста и возможното ја прават луѓето. Ваквите жални бројки се производ и зависат единствено од постоечката политичка волја.

Крај на приказната, заклучокот е дека можете да смените, можете да водите подобра кадровска политика, ама едноставно – не сакате.

(ФБ статус на авторот)

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...