Дванаесет партии од Европската народна партија (ЕПП) од девет земји денеска побараа исклучување или отстранување на унгарската партија Фидес, соопшти лидерот на ЕПП Жозеф Дол.
Тој за германскиот весник „Ди Велт“ изјави дека добил доволно писма за да го стави членството на Фидес на Виктор Орбан на дневен ред на следниот состанок на ЕПП, кој треба да се одржи на 20 март. Според него, „постои граница и Виктор Орбан ја преминал црвената линија”.
Орбан веќе неколку години е критикуван поради антиимигрантска реторика. Во последниве неколку недели тој налути многумина во ЕПП со кампањата, во која ги обвини лидерите на Европската унија за промовирање на масовната имиграција.
На негова мета се најдоа претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и американскиот милијардер Џорџ Сорос.
Писма до Дол испратиле дванаесет партии членки на ЕПП од девет држави. Тоа се партиите Демократско-хуманистички центар (Белгија), Демохристијани и Фламанци (Белгија), Националната коалициска партија (Финска), Нова демократија (Грција), Сојуз Татковина – литвански демохристијани (Литванија), Христијанскосоцијалната народна партија ( Луксембург), Хојре (Норвешка), Демохристијански повик (Холандија), Народната партија (Португалија), Социјалдемократската партија (Португалија), Демохристијани (Шведска) и Умерената коалициска партија (Шведска).
Германската Христијанско-демократска унија, баварската Христијанска социјална унија и австриската Народна партија не испратија писма до Дол и покрај критиките на нивните лидери кон Орбан.
ФОТО: EPA / SZILARD KOSZTICSAK