Историски успех во медицината: Втор пациент излекуван од ХИВ

Машкиот пациент од Лондон, кој се лекуваше од рак, сега е во ремисија 18 месеци и веќе не зема лекови за ХИВ, но истражувачите велат дека сè уште е рано да се каже дали тој целосно е излекуван од вирусот.

657
ФОТО: EPA / CHRISTIAN BEUTLER

На пациент од Велика Британија целосно му се повлекол ХИВ-вирусот по извршената трансплантација на матични клетки, што е само втор ваков случај забележан досега, се вели во лекарски извештај објавен во магазинот „Нејчр“.

Машкиот пациент од Лондон, кој се лекуваше од рак, сега е во ремисија 18 месеци и веќе не зема лекови за ХИВ, но истражувачите велат дека сè уште е рано да се каже дали тој целосно е излекуван од вирусот. Тој му бил дијагностициран во 2003, а во 2012 година заболел од Хоџкинов лимфом.

Тој одел на хемотерапија за третман на ракот и потоа му биле пресадени матични клетки од донор отпорен на ХИВ, што довело до повлекување на двете состојби. Во истражувањето биле вклучени експерти од најпрестижните британски универзитети.

– Успехот со пресадувањето на матични клетки ни дава надеж дека конечно ќе пронајдеме лек за ХИВ/сида – вели професорот Едуардо Олаварија, кој беше вклучен во истражувањето.

Ова е само втор случај кај пациент да се појави ремисија на ХИВ по ваков третман. Пред десет години, ова се покажало успешно и кај пациент од Берлин, на кого му била пресадена коскена срж од донор со природен имунитет на ХИВ.
Се проценува дека 37 милиони луѓе низ светот се носители на ХИВ, а 35 милиони починале од сида од почетокот на 1980-тите.

ФОТО: EPA/CHRISTIAN BEUTLER

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...