Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека во Хрватска се создава антисрпска атмосфера, која станува начин на владеење, што се рефлектира и во други области, како што е безбедноста на луѓето.
Дачиќ оцени дека не може да се рече дека палењето на кукла со ликот на српскиот претставник Милорад Пуповац на карневалот во близина на Сплит е изолиран инцидент и дека тоа не е појава која се случува само во политичките кампањи.
– Ваквите пораки, не само со Пуповац, туку и со ватерполистите на Црвена звезда, говорат дека на Србите не им е место во Хрватска – изјави Дачиќ за ТВ Прва.
Тој додаде дека испишувањето на името на Ослободителната војска на Косово (ОВК) на српскиот конзулат во Виена, за што Србија упати протестна нота, покажува дека постои „големо албанска политика“, која не се слуша никаде во меѓународната јавност.
Дачиќ во изјавата дадена претходно за Танјуг, говорејќи за големо албанската политика по изборите во црногорската општина Тузи и скандирањето на ОВК, оцени дека „сега на сите веројатно им е јасно дека не е загрозен територијалниот интегритет само на Србија, туку и на Црна Гора и на Северна Македонија.“
Тој нагласи дека „загрижените“ претставници на меѓународната заедница не испуштаат можност светот да го плашат со „Голема Србија“ а зад грб ја создаваат „Голема Албанија“, а потоа се жалат кога Србија говори за двојни стандарди.
Тој по повод најавената посета на американскиот функционер Дејвид Хејл на Србија и на Косово, додаде дека ова покажува колку меѓународната заедница не успева да изврши притисок врз Приштина.
FOTO EPA/ FLORIAN WIESER