Заменик претседателката на владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска е во работна посета на САД каде следните денови ќе има средби со високи претставници во Пентагон и во Белата куќа, со сенатори, конгресмени и НАТО дипломати.
Шекеринска ќе има воведно излагање на НАТО Конференцијата за градење интегритет на тема „Градење на способни и одговорни институции за зајакнување на нашите партнерства“, заедно со помошник генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, Алехандро Алваргонзалез.
Во текот на посетата, таа ќе учествува во дебата организирана од влијателниот тинк тенк „German Marshal Fund“ на тема „НАТО и пошироко“ и ќе одржи предавање на Колеџот за меѓународна безбедност.
Соединетите американски држави се една и од најважните членки на НАТО и стратешки партнер кој континуирано го поддржува членството на Република Северна Македонија во НАТО. На средбите министерката Шекеринска ќе зборува за подготвеноста на нашата земја за членството во НАТО како одговорен сојузник и ќе побара поддршка за побрза ратификација на НАТО протоколот во САД.