Специјалната комисија за ревизија на вработувањата во администрацијата што вчера ја најави министерот Дамјан Манчевски прв пат досега отвора можност во проверката да учествуваат претставници и на опозицијата што е голем чекор во битката против департизацијата, објаснуваат од Агенцијата за администрација по реакциите во јавноста дека власта наместо да расчистува со грамадата од непотизам, непотребно троши време да формира комисија паралелна на Антикорупциската.
Освен претставници на опозицијата, во Комисијата за ревизија ќе има и надворешни стручни лица, и сите заедно се очекува да функционираат како контролен механизам на секое сомнително вработување во администрацијата.
Во Агенцијата за администрација објаснуваат дека не станува збор за паралелна комисија на Антокорупциската, која отвора предмети по претставки и по допрен глас за вработувања кои не се однесуваат само на администрацијата. Новата специјална комисија ќе има задача да го проверува секое вработување во администрацијата за кое постојат сомнежи дека можеби е направено по партиска или политичка ургенција.
Директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров за Плусинфо вели дека целта е да почне процес на департизација на институциите, затоа што ќе се врши проверка дали при вработувањата имало какви било политички или партиски влијанија, а не само непотизам. Тој објаснува дека е можна модификација на Комисијата за ревизија чија надлежност според Законот за административни службеници е да врши квартални проверки на постапката за селекција на административните службеници.
Според сегашното законско решение Комисијата за ревизија 15 дена по истекот на кварталот врши ревизија на најмалку 20 постапки за селекција по случаен избор и ако бидат констатирани недостатоци треба да се пријават до директорот на Агенцијата, до институцијата која вработува и до Државниот управен инспекторат. Во новото решение специјалната комисија за ревизија ќе врши проверка на секое вработување.
Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на прашање на Плусинфо дали ќе го поддржат предлогот на власта, вели дека досега не било разговарано со нивни претставници на оваа тема.
– Власта купува време и мир. Очигледно е дека не знаат како да се справат и да се оправдаат пред јавноста за непотизмот, но и да ги заташкаат вработувањата на роднини и цели семејства, па сега измислуваат разни комисии. Министерот прво да си го провери Законот за административни службеници затоа што веќе има Комисија за ревизија на вработувањата во администрацијата. Ако, пак, таа Комисија досега ништо не сработила и тоа треба да си го провери Манчевски – вели координаторот Мицевски.
Манчевски вчера рече дека нема точна бројка колку од нововработените кои од јавноста беа оценети како вработувања на непотизам се повлекле од своите работни места, но додаде дека се очекуваат и резултатите од постапката што ја спроведува Државната комисија за спречување на корупција.
– Процесот е во тек и секој ден ќе се зголемува бројот на лицата кои се повлекуваат – рече Манчевски.
Во Агенцијата за администрација велат дека до петок би требало да се прецизираат сите детали околу предлогот за новата Комисија за ревизија, а очекувањата се дека и опозицијата ќе се вклучи во најавената департизација на администрацијата.