Азески на Копаоник: ЦЕФТА е најголемо регионално промашување, a нетарифните бариери, најголем срам

Неопходни се политички консензус и волја кај сите чинители во регионот за придвижување на овој процес, како и директна поддршка од ЕУ, која е вклучена во интеграцискиот процес и го гледа регионот како просперитетен иден политички и економски партнер на Унијата.

855

Не смее да се дозволи политичките спорови да влијаат врз бизнисот во Западен Балкан. Регионалната економска соработка е неопходна за да можат компаниите од Западен Балкан да бидат поконкурентни на пазарот и да се приближат кон Европската унија. Бизнисот е клучот за решавање на проблемите на Балканот – е пораката пренесена од претставниците на Коморскиот инвестициски форум, кои учествуваа во Панел-дискусијата на тема:„Западен Балкан – регионална економска област“ што се одржа во рамки на Копаоник бизнис форумот.

– За да се елиминираат сите недостатоци кои се јавуваат во трговијата, сега е вистинското време да се повлечат мудри потези поткрепени со силна поддршка од Европската унија и од другите релевантни меѓународни чинители во насока на интензивирање на регионалната интеграција и трговска соработка, со што ќе се обезбеди економски просперитет за сите земји. Затоа, неопходни се политички консензус и волја кај сите чинители во регионот за придвижување на овој процес, како и директна поддршка од ЕУ, која е вклучена во интеграцискиот процес и го гледа регионот како просперитетен иден политички и економски партнер на Унијата. Одложувањето на што и да било за бизнисот е директна финансиска штета па макар и заеднички седници на владите. Бизнисот е „алергичен“ на тој збор. ЦЕФТА – договорот е најголемо регионално промашување, a нетарифните бариери – најголем срам за нас. Ајде да покажеме дека можеме и поинаку и подобро  – рече Азески.

Азески додаде дека во последната деценија, свеста за корупција е зголемена во земјите од Западен Балкан и таа стана важен приоритет во политичката агенда на скоро сите земји од регионот па така сите влади во своите програми, како еден од приоритетите ја ставаат и борбата против корупцијата.

– Се преземаат чекори за решавање на овој проблем, пред сѐ поради обврските кои произлегуваат од пристапувањето кон Европската унија, со цел последователно да ја приспособат националната законска регулатива во согласност со acquis communautaire (правото на ЕУ). Но, дали има конкретни резултати од борбата со корупцијата во регионот? Наодите од истражувањата спроведени на оваа тема покажуваат дека корупцијата останува доста застапена во многу области и продолжува да биде сериозен проблем и кочничар на економскиот раст. Сигурно дека дигитализацијата на јавната администрација е еден од клучните процеси кои ќе влијаат на ефикасноста и професионалноста на јавната администрација, а со тоа и на намалувањето на корупцијата, но потребни се радикални и усогласени заеднички чекори на овој план заради решавање на овој, ако можам да го наречам, голем регионален проблем, – нагласи претседателот Азески.

Азаски го покрена и прашањето на регионалното поврзување.

– Иако поминаа речиси 12 години од склучувањето на ЦЕФТА-Договорот, земјите од регионот не ја искористија можноста регионално да се поврзат и да соработуваат, по примерот на земјите од Европската унија, кои економскиот раст го темелат токму на трговската интеграција – додаде Азески пред присутните.

Нема никакви дилеми дека единствен извор за одржлив и инклузивен раст на земјите од Западен Балкан кој ќе ги приближи кон земјите од ЕУ е токму интензивирањето на регионалната економска интеграција и зголемувањето на трговската соработка во рамките на регионот. Земјите од Западен Балкан како мали економии можат да ја подобрат алокацијата на ресурсите и да ја зголемат својата продуктивност единствено преку искористување на економијата од обем со поголема регионална и меѓународна интеграција. Тие можат да ја подобрат својата позиција на глобалните пазари само ако соработуваат со други поразвиени земји, обезбедувајќи на тој начин трансфер на технологија и знаење што ќе им овозможи да се вклучат во нивните синџири на снабдување преку производство и извоз на производи со повисок степен на финализација и додадена вредност.

Копаоник бизнис форумот, се одржува од 3 до 6 март 2019 година и е епицентар на економските случувања на Балканот.

На едно место, повеќе од 1.500 учесници, вклучувајќи истакнати професори, државни претставници, членови на дипломатскиот кор, стопанственици, домашни и странски инвеститори, како и претставници на меѓународни финансиски организации, дискутираат за најзначајните економски прашања во регионот.

За прв пат годинава, македонска делегација, предводена од претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, учествува на најпрестижната манифестација која во изминатите 26 години успеа да стане најзначајниот бизнис настан на овие простори, со 160 панелисти и 26 панели и веќе одамна се нарекува Балкански Давос.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...