Заев: До јуни можеме да ги исполниме целите што ги постави Брисел

Премиерот рече дека останува да се дефинира Јавното обвинителство во чии рамки треба да биде вклопено СЈО, како и прашањето со Советот на јавните обвинители.

777

Премиерот Зоран Заев е уверен дека во наредните три месеци до затворањето на извештајот на ЕУ земјава ќе успее да ги исполни сите цели поставени пред нас од Советот на ЕУ од јули минатата година.

Останува, вели тој, да се дефинира Јавното обвинителство во чии рамки треба да биде вклопено Специјалното јавно обвинителство, како и прашањето со Советот на јавните обвинители.

– Драго ми е што можам да соопштам дека утре Владата ќе ги донесе овие два закони, ќе ги пушти во парламентарна процедура. Сé е искристализирано веќе, јасен е ставот по кој пат се движиме во оваа работа. На Влада веќе го усвоивме законот за реформите во безбедносните и разузнавачките служби, продолжува транспарентната дебата низ парламентарните комисии каде што очекуваме целосна инволвираност на опозицијата по сите овие закони низ дијалог, заедно да ги допрецизираме за да поминат на гласање. Се надевам на консензус. За дел од законите ни е потребно и двотретинско мнозинство како што е законот за ЈО – рече Заев.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со идниот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер, додаде дека во делот на јавната администрација е готов и законот за висока служба и оти наредните неколку денови ќе излезе на ЕНЕР, како и дека се очекува до крајот на март, почетокот на април тој закон да помине во Владата.

– Планираме да формираме ревизорско тело составено од двајца претставници на опозиција, двајца претставници на власта и административните органи од Агенцијата за јавна администрација за да ги проверуваат сите постапки, со цел отстранување на непотизмот, како конкретен проблем. А очекуваме да даде конечни резултати и борбата против корупцијата. Не само ние како Влада, граѓаните пред се. Имаме навистина кредибилна, независна Антикорупциска комисија создадена заедно меѓу опозицијата, граѓанскиот сектор и власта, а истовремено и самиот Закон е донесен  со консензус. Значи, појдовните основи се одлични, ги охрабрувам уште еднаш без разлика за кого станува збор да покажат конкретни резултати за борба против корупцијата заради тоа што тоа и е потребно на Република Северна Македонија како леб – рече Заев.

Тој е уверен дека нема да има само донесување закони, туку и имплементација на тие закони, која што ќе биде препознаена од граѓаните и оти се надева дека таквите ефекти ќе ги видиме уште многу порано пред јунската одлука на ЕУ.

Рикер вели дека реформите се процес што треба постојано да се случува и оти секогаш може да се направи повеќе.

– Тоа е непрекинат процес, исто е и во мојата земја. Како што кажа претходно премиерот, ова е нешто што постојано бара работа. Важно е граѓаните да почувствуваат едно ниво, еден степен на транспарентност, на одговорност и да знаат дека владеењето на правото ќе биде најважниот аспект што ќе ја врзува земјата заедно. Секако тука е и законодавството на кое што ќе треба да се работи. Гледаме дека за дел од законите доаѓа поддршка и од опозицијата, а тука лежи и иднината на Севера Македонија – рече Рикер.

Тој додаде дека целта на американската политика е, како што потенцира, да ја видат Северна Македонија и другите земји од регионот да ги исполнат своите аспирации и да станат полноправни членки на ЕУ и да бидат дел од се она што таа го претставува – стабилност, безбедност и просперитет за сите граѓани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...