Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Министерството за внатрешни работи достави наредби за издавање на централни и меѓународни потерници за две лица.
Од ОЈО соопштија дека за лицата за кои се донесени наредбите постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, предвидено и казниво по член 313 од Кривичниот законик. Имено, по спроведената предистрага, на 20 февруари годинава, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка за петмина, меѓу кои и за овие две лица кои се недостапни на органите на прогонот.
„Тогаш, јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети законските основи до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите осомничени, при што на овие две лица им е определена мерка притвор во траење од 30 дена од нивното пронаоѓање“, соопшти Обвинителството.