Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, ги потврди шпекулациите дека извештаите за земјите од Западниот Балкан нема да бидат објавени во април поради европските избори, јави дописничката на МИА од Брисел.
Одговарајќи на новинарско прашање за време на прес конференција со Милорад Додик, Хан истакна дека целта е извештаите да бидат „темелно дискутирани“.
– Во тој поглед се обидуваме да ги отстраниме сите можни пречки што би можеле да ја отежна објективната, неутралната дебата, да не биде засегната од ЕУ изборите. Размислуваме да биде подоцна од вообичаено за да овозможиме дебата за различните исходи за проширувањето, дебата базирана на факти – изјави Хан.
Со месеци веќе се шпекулира дека поради чувствителноста на овие парламентарни избори во ЕУ, извештаите би можеле да бидат одложени најрано до неделата по изборите, односно првата недела во јуни, што би овозможило до јунскиот Совет да бидат одобрени заклучоците на Европската Комисија од страна на земјите членки. Но, еврокомесарот не ја исклучи можноста извештаите да се објават и подоцна.
– Во секој случај ќе бидат објавени пред инаугурацијата на новиот Европски Парламент – рече Хан.
Според календарот на ЕП, новиот состав треба да биде инаугуриран на 2 јули, откако ќе завршат преговорите на политичките партии.
Македонија и Албанија очекуваат оваа година земјите членки да одобрат датум за преговори со ЕУ. Средбата на лидерите на ЕУ на која би можело да се одлучува за датумите е закажан за 20 и 21 јуни, така што останува неизвесно дали извештајот ќе биде објавен пред тоа, или одлуката ќе се одложи за наесен.
Фото: EU/EPA/EFE/MALTON DIBRA