Во сите овие години наназад, практично од осамостојувањето на нашата земја до денес, Сојузна Република Германија беше една од оние земји кои што без нималку задршка или двоумење, даде огромен придонес во нашите напори да изградиме стабилно, демократско и просперитетно општество подготвено да стане рамноправен член на евро-атланските асоцијации, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод врачувањето на вредната донација на германското сојузно министерство за внатрешни работи во возила и опрема наменети за потребите на граничната полиција при Бирото за јавна безбедност на МВР на Република Северна Македонија.
На врачувањето на донацијата на која што присуствуваше и германскиот амбасадор во Република Северна Македонија, Томас Герберих, како и директорот при Федералната полиција на Германија, генералот Грегор Пелцл, министерот Спасовски рече дека оваа помош е повеќе од добредојдена.
– Но, она што е уште поважно, суштинско, како што впрочем констатиравме и во разговорот со Пелцл и со амбасадорот Герберих, е фактот дека Сојузна Република Германија останува доследен поддржувач и близок соработник на Република Северна Македонија во нашата решеност за спроведување на реформите и патот кон членство во Европската унија – потенцираше Спасовски.
Донацијата се состои од 20 возила „дачија дастер“, вредни околу 323.000 евра како и 351 пар чизми. Практично, во рамки на богатата, повеќегодишна билатерална соработка меѓу двете министерства во делот на донациите ова е трета германска донација за потребите на полициските единици при МВР, чија што вкупна вредност ја надминува цифрата од 660.000 евра.