Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, како шеф на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија и пратеничката од СДСМ, Катерина Кузмановска, како член, од денеска до среда ќе бидат дел од нови состаноци на НАТО.
Поканата ја добиле од Парламентарното собрание (ПС) на Алијансата, а состаноците ќе ги одржат Политичкиот и Комитетот за цивилна димензија на безбедноста.
Настаните се организираат во Атина, а темите на состаноците ќе се фокусираат на грчките надворешни и безбедносни приоритети, актуелната и идната улога на НАТО перпективи од Атина, граничната безбедност, миграциите и бегалците, улогата на Русија на Балканот и грчките перспективи за предизвиците во јужното крило на НАТО.
На состаноците ќе учествува и Медлин Мун, претседателка на ПС, а се предвидува и посета на два бегалски кампа близу Атина. Предвидена е и посебна сесија со генералниот директор на ELIAMEP (Грчка фондација за европска и надворешна политика), на која ќе се дискутира за: безбедноста во Источниот Медитеран, безбедноста и стабилноста на Балканот и Русија и регионалната безбедност.