Во ранчот Бигелоу во државата Јута, со декади се случувале чудни, мутирани нешта. Дури и животни со човечка глава. Еднаш, сопственикот на ранчот, Терја Шерман, бил нападнат од суштество со глава од волк а тело на коза. Шерман го пукал кон чудовиштето, но за чудо, куршумите се одбивале. Бројни луѓе на тоа место виделе чудно мутирани животни кои веднаш исчезнувале. Таму, на коњот Снипо му бил изваден мозокот без трагови од операција. Затоа, ранчот му бил продаден на еден истражувачки институт за да ги истражува тие страшни феномени, но до ден денес нема некое логично објаснување.
Како што кај нас нема логично објаснување како е можно една партија да биде 17 години на власт со толкав мозок. Потоа, како тоа да некои водачи можат да владеат толку долго со човечки судбини, без резултати, без морал, без одговорност, ама со силен генетски код за мутација!? Еден таков, низ години заедно со Груевски јаделе мед, а за народот оставија силен отров. Со нивните постапки создадоа невиден егзодус на млади и сега сме на пат да останеме земја на духовите и фантомите. Младите стана редок вид и во исчезнување. Нешто почудно и од Бигелоу!
Но, штом давате да ве владее таков мозочен квалитет, тоа е веќе ваш голем проблем. Ако активист или гласач го продава своето достоинство, а и иднината на своите чеда за 1000 денари, колку што на денот на изборите добиваат за гориво и за евтин сок, тоа е веќе голема мутација. Тоа значи, или сте вљубени во својот џелат или се работи за извадени мозоци без операција како кај коњот Снипо! Па затоа сме чуден примерок на вид кој верува дека најлошите луѓе можат да создадат најдобри дела.
Мицкоски зрачи мутација!?
Мицковски се закани со Чаушеску, со што мутирал два милиона мозоци – дека тоа што го виделе на 27 април се нема случено! Да направите Снипо-коњи од толку луѓе а самиот да останете човек тоа е веќе вонземјанска генетика. Таков мутиран настап полн со екстремен гнев е или проблем на медицината или сериозен дефект на системот. Оти, ако се знае дека како власт добивате се, а ептен ќе ви стане жал дури и ѓаволот да го видите во опозиција – тогаш тоа е дефект на системот (мутиран систем). А да граделе меритокрација и владеење на правото сега ќе уживаа како опозиција. Деновиве власта беше оправдано критикувана од опозицијата за непотизам до колена, ама брзо се откри дека самите ти биле до гуша. Во почетокот на 90-те години, способни луѓе одбиваа функции сметајќи дека не се дораснати за таква задача, ама сега секој втор во државата си се смета за способен дури и за генерален секретар на ОН. Страшна колективна мутација!
Во услови на нормални мозоци Мицкоски ќе требаше да каже – бараме фер судење, заслужени казни за сите криминали и за 27 април, и изнаоѓање решение за СЈО. Тогаш ќе загубеше малку кај своите, но многу ќе добиваше кај неопределените. Но, тој пучистите ги прогласи за невини и жртви на „хунтата на Заев“! Самиот Мицкоски пресудил – „овие луѓе не се виновни“ оти се „апсени врз изјави на сомнителни лица“. А токму тие лица им беа недопирливи по институциите! Невини ти биле и Спире и Трајко и Миле и Никола, ама „деспотот Заев кој го гледа својот крај“ е проблемот! Е ова ти е хипермутација. Ама има едно правило – ако сте станале власт поради тоа што сте го натерале народот да го загуби умот, лесно ќе може да завршите во затвор кога народот ќе го пронајде својот ум. А пораката на Мицковски е – подржете не нас за да биде бетер од што било! Значи, работа што уште од почеток стана доцна, а бродот му оди кон опасен гребен.
Убивствена администрација
Студентите ги учиме дека администрацијата е професионален и ефикасен сервис на граѓаните. А тие во практиката го гледаат спротивното. Пак тука некоја мутација! Ние имаме потреба од 70 илјади способни, а имаме двојно повеќе доминантно неспособни. Ова е веќе рак-рана, кој развојот го прави далечна иднина. Двојна е загубата – плаќате човек во администрацијата за ништо, а истиот во стопанството ќе создадеше нешто. А башка тоа што синовите, ќерките, бабите и дедовците во „дизел стилот“ на елитни плати! Ако сакаме да го постигнеме неверојатното треба да го правиме невозможното, а тоа е воведување меритократски систем. Тогаш дипломата ќе стане форма, а знаењето содржина. Токму поради тешка партизација, од средно развиена земја стасавме до светско дно. И генијалец да си, без врски си комплетно „без везе“. Погледајте еден Либан каде што 20 години се водела граѓанска војна, за многу пократок период од нашата транзиција, шесткратно го зголеми стандардот, а три пати е помала од нашата земја, а има шест милиона жители! Еден Тајван кој е малце поголем од нашата држава, издржува 26 милиони жители со стандард седум пати поголем од нашиот! Виетнам од пустош ,поради дваесетгодишна војна, направи економски џин, оти луѓето беа навикнати од ништо да создадат нешто. А кај нас е обратно. Ние, со ваква пирамидална администрација со декади градена врз темели на жив песок сакаме да направиме развој! Што е тука нејасно?
Ивестиции
Странските инвестиции не треба да бидат главни, туку внатрешните. Оти тие даваат мали плати, плус користат одредени привилегии, а башка што профитот го носат надвор. Ние треба да направиме сериозни оперативни проекти за автохтон развој на земјоделството, сточартвото, селскиот и планински туризам, експлоатација на термалните води, водата за пиење, енергетиката итн. Македонија станува сѐ поголем увозник на храна, наместо да биде извозник. Несфатливо за немутиран мозок да при вакви идеални услови за производство на храна, да увезуваме над 700 милиони евра храна. Имаме многу плодно земјиште, но неговата искористеност е намалена за една третина, наспроти порастот на државните субвенции. Исто така, експертите велат дека секоја година увезуваме струја колку што чини една средна хидроцентрала, а имаме толку неискористени капацитети!!!
Мора да имаме предвид дека производниот труд кај младите сега се третира како „срам“! Тоа значи дека сме го уништиле еден човечки инстинкт дека трудот е чест. Истите бегаат надвор и работат секакви ниски работни дејности, ама важно дека не ги гледа комшијата! Изгледа ни претстои мачна фаза за промена на свеста и излекување од мутација, но првин кај нас, а потоа кај нив.