Со обраќање на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, предмалку почна 23-от партиски конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Говорот може да се следи на ФБ профилот на Зоран Заев и на Јутјуб.
На овој конгрес партијата треба да го потврди Стево Пендаровски за кандидат за претседател на државата на претстојните избори.
Пендаровски пристигна заедно со неговата сопруга, а тој ќе се обрати на крајот на конгресот, како избран кандидат за претседател на државата.
Поддршката беше изразена на средба во петокот вечерта во Скопје по која премиерот Зоран Заев оцени дека ова е историска одлука и дека 31-на политичка партија заедно се обединија и покажаа дека националните се над партиските интереси.
– Почитувани граѓани се обединивме повторно сите Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци и сите други. Првпат во македонската историја различните застануваат зад еден кандидат. Застануваме сите позади Стево Пендаровски. Надпартиски, европски, граѓански, пријател и претседател на сите и за сите граѓани на Република Северна Македонија, изјави премиерот.
За заедничкиот претседателски кандидат Стево Пендаровски исклучителна е честа да бидеш поддржан од претставници на сите етнички заедници, од 31-на политичка партија, но, и од многу граѓани кои воопшто не се членови на политички партии.
Ова го напиша Пендаровски вчера на својот фејсбук профил, откако ја доби поддршка да биде заеднички претседателски кандидат на коалицијата предводена од СДСМ и владината коалиција.
Одлуката за заедничкиот кандидат треба да биде верификувана во органите на секоја од партиите.
Вчера на Централно собрание НДП даде подршката за консензуалниот кандидат за претседателските избори на Северна Македонија, Стево Пендаровски, како и ДОМ од каде сметаат дека Пендаровски го има потребното професионално и политичко искуство за компетентно извршување на оваа висока државна функција и од СДУ кои изразија безрезервна поддршка за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21. април, а вториот ќе се одржи на 5. мај.
Освен Пендаровски, кандидати се и, на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова и амбасадорот и универзитетски професор, Блерим Река, кој доби поддршка од Алијансата на Албанците и БЕСА.
Потписи за кандидатура собираат уште неколку претенденти за функцијата претседател на државата.