Граѓаните од Карпош, од населбата Влае 2, добија нов парк за миленици. Денеска во новоотворениот парк се одржа и маалска дружба, каде што голем број на карпошани дојдоа со своите миленици и го искористија саботното попладне за рекреација, разговор и дружба, се вели во соопштението од Одделението за односи со јавност на Општина Карпош.
На средбата присуствувал и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев кој ја истакнал намерата на локалната самоуправа да продолжи со вакви проекти и зони за миленичиња.
– Овој дел од Влае целосно се оплеменува. Имаме повеќе спортски игралишта,
детско игралиште, зеленило, а сега и парк за миленици. Во вистинска смисла ова е зона за рекреација на сите граѓани. Неодамна отворивме и нов парк за миленици долж Кејот на Вардар (кај вештачката карпа) кој концепциски се разликува од овој, кој содржи различни реквизити и урбана опрема – рекол Богоев во непосредниот разговор со граѓаните.
На маалската дружба присуствувале и претставници од Кинолошкиот сојуз, како асоцијација која се занимава со проучување на кучињата и нивните расни карактеристики.
– Претседателот на Сојузот, Јордан Христовски го истакна позитивниот пристап на Општина Карпош, за отворање на вакви катчиња за миленици кои се опремени со потребните реквизити за кучињата, а од особено значење е одржувањето на истите.. Очигледно беше и задоволството на граѓаните од новиот парк. На овој начин се зголемува безбедноста за сите граѓани, и за оние кои се љубители на домашни миленици, но и за луѓето кои не се тоа, затоа што овие паркови овозможуваат концентрација на милениците на определен простор, нивна заштита, полесно одржување на јавната хигиена и чистота на околината – се наведува во соопштението.