Телефонска секретарка со кравата

Нема поопасна комбинација за општите работи од работохоличен идиот на врвот на власта. Или од лудак што се пентери кон шпицот на пирамидата.

2246

Каков роботизиран створ. Со амбиција што расте така што ја потиснува мислата до
нивото кое ниту најпрецизниот енцелафалограф не може да ја регистрира. Сјајот во
неговите очи, всушност, е информација дека активноста на сивата маса му е на нула.
Телефонска секретарка со кравата! Човек со коњски лопатки на очите од внатре. Нема
поопасна комбинација за општите работи од работохоличен идиот на врвот на власта.
Или од лудак кој се пентери кон шпицот на пирамидата. Тоа не е нормална
ненормалност. Фино му рече Сашо: Во кој филм си, ти, бе, човеку!? Навистина ли
мислите дека ВМРО-ДПМНЕ може да го суспендира законот за гравитацијата!? Да
можат Македонците да ја остварат и толку посакуваната физичка одлепеност!? Тоа го
прашувам јас, не Орданоски.

Даааа, ми одговара типот, не само законот за гравитацијата, сите закони на заевизмот
ќе ги прогласиме за неважечки: Земјата мора да почне да се врти од запад кон исток.
Доста се вртеше од исток кон запад на штета на македонскиот народ. Ќе направиме
времето да почне да тече од пладне кон сабајле, а не од сабајле кон пладне, како што е под ненародниот режим на Заев. Што друго планирате, господине Мицкоски, го
прашувам јас во студиото во Орешани 7.

Па, гледајте, господине Тричковски, ако нашиот човек убие илјада души и здипли една милијарда народни пари, на начин кој, можеби, не е најпаметен, тоа не може да биде основа да биде политички прогонуван од ескадроните на смртта на заевизмот. Вака повеќе не може. Ние мораме да се избориме за тие гаранции.

Филмот на Мицкоски

Ова е разубавена слика на другарот Мицкоски. Разубавена. Намерно е разубавена за
да биде колку-толку разбирлива за широките народни маси кога ќе седнат дома да
калкулираат за своите политички и животни алтернативи и перспективи. Малку е
грубичка, морам да признаам, но тоа е само затоа што ние мораме да се навикнеме да
се соочуваме со вистината за луѓето, за политичките субјекти посебно, значи за
партиите и другите актери од кои зависат нашите животи, таква каква што таа е.
Можеме во благи нијанси, како во мојот случај со Мицко, да ја моделираме, поради
сенародните спознајни ограничености и политичко- културни хендикепи, значи, во функција на комуникацијата, но со целосно разоткривање на суштината, а не со нејзино прикривање.

Сакам да кажам дека ниту едно пристојно друштво, па дури ниту општество што е
непристојно на нивото на македонското, не смее да си дозволи да има вакви политички надежи односно надежи што ќе ги врзе за вакви луѓе. Особено ние, затоа што ние имавме грозни искуства со социопати и психопати што за малку можеа да бидат фатални.

Јас немам никаква официјална дијагноза и не смеам да тврдам дека Мицкоски е
социопат или психопат или и едното и другото во некоја фантастична комбинација, но
затоа можам да тврдам дека човекот живее во свој филм што е различен од
македонската стварност. Нема никакви допирни точки со реалниот живот во Македонија. Освен во елементите што тој сака да ги приспособи на своето филмче. Од апсолутното негирање на злосторничката природа на организацијата што ја претставува низ најневеројатниот злосторнички режим што е забележан во повоена Европа, со страшни и во многу аспекти непоправливи штети врз животот на луѓето, врз нивниот вредносен систем, врз нивната култура, врз нивниот џеб, врз нивната национална организација и идентификација, врз нивната кохезија, низ реалните факти, а не низ епските прикаски за шекнување на обичниот човек, врз геномот, ако сакате, на Македонецот, па до неверојатно лефтерните тралалајки за крвавите раце, црнилата на Заев, за одбраната на злото и злосторниците низ актуелните процеси, за крвавите пучеви, за предавниците што ги предале националните и државни интереси, се исти работи што секој ден тој и неговата екипа ги повторуваат илјадници пати со некаква идеја дека на тие репетирани срања луѓето ќе се налепат како муви. На таа волшебна слика на сегашноста во неговото филмче иднината се лепи како акт на соборувањето на Заев и тука нема ниту може да има што било друго.

Есенција на македонизмот

Па чекај малку, бе! Па сите политбироа ти се на суд. Не повеќе затоа што
правосудството, просто, нема капацитети. Нема невини вморони. Па, некоја медицинска инстанца, можеби меѓународен конзилиум, некој интергалактички комитет, треба да добие мандат да се занимава со вакви случаи и на надобудните чипирани идиоти да им ја одзема лиценцата да се занимаваат со општите работи.

Дуќани се затвораат поради прашина на сталажите, а ваму парадираат типови со
гипсени наслаги врз сивата маса и никој не презема ништо. Посебно сакам да се
осврнам на тезата дека ВМРО е есенција на македонизмот. Таа теза јас ја земам како
круна на моите опсервации. Тие биле есенција. Демек бит, срж, суштина, деенка!
Тоа е стара фолклорна приказна што во културниот геном на Македонецот е вградена
низ ставот: сите ние сме ВМРО! Во превод тоа би значело дека сите сме идиоти! Затоа
што таа есенција Македонецот ја носеше како експлозивен прслук кој пред некоја
година беше активиран и ние сега сме во слоумоушнот меѓу тоа откачување на
осигурачот и експлозијата, заедно со епските напори на Заев и на меѓународната
заедница, детонацијата да се спречи со Договорот од Преспа, со Бугарија, со НАТО,
здравје боже, утре со ЕУ.

Тоа е едната работа. Другата е разбирањето на есенцијата како мисија на единствениот автентичен артикулатор на македонските национални работи. Кај што сите други се непријатели, предавници и така натаму. Тоа е така аут. Со други зборови, ВМРО е болест, а со болеста не се помирува. Или се умира. Помирувањето за ВМРО е исчезнување.

Растурање на есенцијата со мочката на новото време. Македонија може да сака да се
помири со ВМРО, но вмро никогаш нема да сака да се помири со Македонија која не е
негова. Не е нужна некоја не знам каква борба. Треба да се остават да изумрат. Мала
опашка или рокче од животинското време ќе му останат на Македонецот. За спомен и
долго сеќавање. Македонецот не може да се помири со себе и во себе ако не се
девмровизира. Во правото. Со исти аршини за сите други.

(За СДСМ и ДУИ, во некои следни продолженија, не се секирајте, бите).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...