Заробено општество или сопственост што се стекнува на шалтер

Катастарот се претвори во зол господар на животот и смртта, а наместо само да се запишуваат, таму мрзоволно се одлучува дали воопшто ги имате недвижностите што сте ги наследиле, купиле или изградиле.

787
grcev

Не верувам дека синтагмата „заробена држава“ е смислена со зла намера да ја
замати суштината на вмровската партија-држава и да ни го одвлече вниманието
од вистинските причини за нашата несреќа. Нека е и случајно непрецизна, оваа
дијагноза на болеста од која болуваше македонското општество повеќе од една
деценија, не само што е мистификаторска, туку е и смртоносно погрешна.
Каква бесмислица: ниту државата беше заробена од Груевски и бандата, а ниту
пак е денес таа „ослободена“. Како што секој со здрав ум може да забележи,
македонската држава е во истата состојба во којашто беше и во времето на
вмровската тоталитарна мафиократија. Таа си е жива и здрава, дури болно
здрава, зашто функционира на истиот начин како што функционираше и за време
на вемерето (само без мафијашката субординативна пирамида), а нејзините
органи без какви и да е промени си ја вршат истата работа како и кога беа органи
на вмровскиот фашизоиден тоталитаризам.

Вистината е како и секогаш премногу очигледна за да биде воочена, а тоа е така
зашто дијагнозата на болеста беше погрешна од самиот почеток: не беше
државата заробена, туку нашето општество! А, државата беше основното оружје,
главната алатка на поробувањето! ВМРО имаше време да го редизајнира целиот
државен апарат, сите институции на државата, заедно со целиот владејачки
„софтвер“ – стотиците поробувачки и криминални закони, со единствена цел: да ги
држи граѓаните на Македонија потчинети, и со чувство дека немаат друг избор
отколку да го прифатат губењето на слободата како нешто нормално.

Ништење на правото

Сите институции на државата, сите структурални делови на еден опресивен
државен апарат, денес го изгубија својот Фирер, ја изгубија својата фашизоидна
преродбеничка програма и своите мафијашки контролори, но останаа негибнати
да функционираат по автоматизмот според кој се создадени, продолжувајќи го
криминалното и малоумно владеење на државата над општеството и вршејќи
насилство врз своите граѓани, наместо да бидат нивниот сервис.

Агенцијата за катастар е можеби најочигледниот – иако не и осамен – пример за
тоа како еден државен сервис станал центар на отуѓена моќ, темен замок во кој се одлучува за судбините, имотите и иднините на граѓаните. Катастарот би требало,
инаку, да биде тивок, услужлив сервис, каде што се регистрираат односно
запишуваат правата на недвижностите. Таа јавна услуга би требало да биде
квинтесенција на државниот јавен сервис кој се плаќа со даночни пари, со кој се
обезбедува веродостојноста на имотот, правните дела и инвестициите. Но, од
сервис оваа институција се претвори во зол господар на животот и смртта; а,
наместо само да се запишуваат, таму се утврдуваат правата на граѓаните, таму
мрзоволно се одлучува дали воопшто ги имате или ги немате недвижностите што
сте ги наследиле, купиле или изградиле.

Не ви се верува? Веќе ви го цитирав, почитувани граѓани, злогласниот член 143 од
Законот за катастар на недвижности, во кој пишува дека „правото на сопственост и
другите стварни права на недвижностите се стекнуваат со запишувањето во
катастарот на недвижности, а престануваат со бришење на запишувањето“.
Внимавајте: не се запишуваат претходно стекнатите права – како што е
единствено можно, туку тие се СТЕКНУВААТ со запишувањето! Каков државен
криминал, какво ропство! Со овој член практично се бришат владеењето на
правото и воопшто секое право, се негира реалноста на историјата на
стекнувањето на сопственоста, се порекува значењето на фактите за купувањето,
наследувањето или градењето на недвижностите… Со членот 143 буквално се
ништат и правото и стварноста и се заменуваат со бирократското решение, со
печат, со мистична парадржавна шалтерска волја!

Поместување куќи

Што е најстрашно во оваа неуставна, апсолутистичка легислатива и практика Тоа
што целата професионална заедница и покорното „пучанство“ сè уште и упорно
веруваат дека членот 143 ја кажува божјата вистина, дека него го донесе на
земјата Пророкот лично, директно од Синајската гора… И, што и две години од
„ослободувањето“ никому во државава ова сурово неправо не му пречи, никому ни
да му текне овој поробувачки и недостоинствен срам да го избрише од законот…
А, Агенцијата се претвори во митскиот змеј Шмауг, од Толкиновата приказна за
Хобитите; мрзоволен змеј што лежи во пештера, во сред планина, врз сето
народно богатство што го присвоил со сила, и ја наплаќа секоја „услуга“, секоја
„информација“ што по никој основ не е негова, туку им припаѓа на оние што ги
ограбува… И, згора на тоа, грешките во катастаските планови, поместувањето на
линиите, меѓите, градбите и куќите, секогаш се толкуваат како помесувања на
недвижностите, а единствената референтна состојба не е физичката реалност,
туку катастарските планови.

Поради тоа, граѓаните се секогаш виновни за „поместувањето“ на нивните куќи и
меѓи, и никој не забележува дека оваа практика не се разликува ни за влакно од
кое и да е историски потврдено апсолутистичко самоволие. Заменувањето на
стварноста со Агенциската односно државната волја, е всушност една од
безбројните дефиниции на нашата изгубена слобода.

Мислам дека Гете беше генијот кој рекол дека „никој не е побезнадежно поробен
од оние што грешно веруваат дека се слободни“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...