Стево Пендаровски е заедничкиот претседателски кандидат, соопшти премиерот Зоран Заев по средбата вечерва со партиите од коалицијата предводена од СДСМ и владината коалиција и сите поддржувачи на концептот за заеднички кандидат за претседател на државата.
– Веруваме дека ќе докажеме дека избравме исклучително квалитетен кандидат во Стево Пендаровски пред се, човек кој ги обединува сите етнички заедници, кој верува во оваа политика, политика на едно општество за сите. Верувам дека тој ќе ја спроведува исклучително добро функцијата претседател на Република Северна Македонија – изјави Заев по средбата во „Хилтон“.
Во скопскиот хотел СДСМ, заедно со лидерите и раководството на 30 коалициски партии вечерва од 24 понудени кандидати го избра Пендаровски за кандидат за претседател, кој е поддржан од владејачката коалиција.
– Се обединивме повторно сите Македонци, Албнаци, Срби, Турци, Власи, Роми Бошњаци и сите други. За првпат во македонската историја различните застануваат зад Стево Пендаровски.Тој одлучи да оди напред и да влече. Да биде локомотива. Голема благодарност за другите кандидати, министри од Владата кои покажаа големина и го поддржаа надпартискиот кандидат. Да живее нашето заедништво. Да живее нашето заедничко општество. Ова е историска одлука. Стево Пендаровски ќе биде претседател на сите граѓани на Северна Македонија – потенцира Заев.
Тој нагласи дека одлуката мора да биде верификувана за да биде конечна од органите на одлучување на секоја од партиите и СДСМ тоа ќе го сторат во недела.
Прашан за коментар во однос на неодамнешната криза во владината коалиција, Заев рече дека тоа е демократија.
– Можеме некојпат да бидеме различни, но во коалицијата стоиме зад програма. Стоиме зад нашата земја. Стоиме зад иднината на оваа наша земја. Крупни одлуки се донесоа во оваа наша земја. Оваа одлука вечерва е само ветер во грб на досегашните одлуки. Република Северна Македонија членка во НАТО. Република Северна Македонија членка на ЕУ. Република Северна Македонија дом, татковина подеднакво на сите граѓани на нашата земја. Тоа е иднината – изјави Заев.
Прашан дали преговорите со албанската опозиција остануваат и понатаму за вториот круг од изборите, Заев рече дека тука завршиле преговорите и тие се определиле за својот кандидат.