Тевдовски: Првпат просечната плата надмина 24.000 денари

Прашан дали државата може да функционира доколку се создаде вакум и нема избор на гувернер на централната банка, Тевдовски рече дека се прават напори оваа важна функција да биде избран во законските рокови.

362

Имаме најголем годишен раст на платите од 2010 година, во јануари годинава просечната нето плата првпат надмина 24.025 денари и во споредба со јануари минатата година има раст од 1.275 денари, односно за 5,6 проценти, изјави на денешната прес-конференција министерот за финансии Драган Тевдовски.

Тој посочи дека особено е важен растот на платите во текстилната и индустријата за производство на облека и кожа, каде во минатото постоело второ ниво на пониска плата.

– Во кожарството има раст на просечната плата од 2.171 денар или 19 проценти, во споредба со јануари 2017 година. Во производството на облека, растот на просечната плата е 2.069 денари или 16 проценти. Во текстилната индустрија платата расте за 24 проценти, односно за 3.870 денари – изјави Тевдовски.

Министерот за финансии рече дека има позитивни економски движења и бројките покажуваат дека македонската економија се движи во добар правец.

– Растот на БДП во првата и втората половина на 2017 година се како ден и ноќ. Од минус 0,7 во првата, наспроти плус 0,7 проценти во втората половина. Невработеноста падна на 21,9 проценти, а вработеноста имаше годишен раст од 14 илјади лица или 2 проценти. Нето странските директни инвестиции во четвртиот квартал изнесуваа 177 милиони евра и во јануари имавме годишен раст на индустријата од 8,4 проценти и солиден годишен раст на штедењето и кредитирањето во февруари од седум проценти, изјави Тевдовски.

Во однос на обвинувањата од опозицијата дека нема промена на нето-платата, туку само е променет методот на пресметка, Тевдовски, рече дека промената на Државниот завод за статистика е дел од континуираните методолошки подобрувања на официјалните статистики и дека со конкретната промена резултатите се базираат на вистински исплатени плати, а не на хартиени анкети, со што се добиваат поточни резултати.

– Персоналниот данок на доход, освен даноци од плати содржи и данок на договори на дело, кирии, игри на среќа и слично. Ако се гледаат само приходите на персонален данок по плати во јануари 2018 година, тие се за 4,7 проценти повисоки од јануари 2017 година. Во февруари приходите по персонален данок на доход имаат раст од 8 проценти, а придонесите од шест проценти –  рече Тевдовски.

Прашан за алатката за транспарентност и дали ќе има мерки за намалување на трошењето на министрите, Тевдовски рече дека алатката е во насока на посветеноста на Владата за транспарентност и тоа било направено.

– Јавноста треба да ги знае сите детали како се трошат парите од даноци. Такво нешто досега немаше. Мислам дека тоа ќе доведе до поголема ефикасност и вашиот притисок ќе ги намали непотребните трошења – изјави Тевдовски.

Во однос на лимитот на трошење на министрите, Тевдовски рече дека за тоа треба да се праша во генералниот секретаријат.

Прашан дали државата може да функционира доколку се создаде вакум и нема избор на гувернер на централната банка, Тевдовски рече дека се прават напори оваа важна функција да биде избран во законските рокови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...