Парламентот на Црна Гора денеска го ратификуваше Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО.
На седницата присуствуваше претседателот на македонското Собрание Талат Џафери.
Претседателот на црногорското Собрание Иван Брајовиќ им честиташе на Северна Македонија и Грција за Договорот од Преспа, со кој беше ставен крај на повеќедеценискиот спор.
Тој нагласи дека двете држави со тоа му покажале на целиот регион, на Европа и на светот дека со мудро раководство е можно да се надминат повеќегодишни спорови.
– Верувам дека на Северна Македонија ќе и ја отвориме вратата на земјите, на кои Црна Гора веќе припаѓа. СД ќе гласа за овој закон – порача Брајовиќ.
Шефот на црногорската дипломатија Срѓан Дармановиќ во обраќањето пред пратениците истакна дека пред нив е историска одлука, бидејќи Црна Гора прв пат одобрува пристапување на некоја друга земја во НАТО.
Toj нагласи дека влезот на Северна Македонија во НАТО е добра вест за целиот регион.
– Поддршката на Македонија е високо на агендата на Црна Гора. Како членка на НАТО Црна Гора е активен промотор на натамошното ширење на НАТО – рече Дармановиќ и додаде дека тоа е и единствениот пат за напредокот на регионот на Западен Балкан.
Мисијата на Алијансата е порелевантна од кога и да е, рече Дармановиќ и изрази верување дека влезот на Северна Македонија во НАТО позитивно ќе влијае врз стабилноста и безбедноста на државата, но и на целиот регион.
Пратеникот на ДПС, Обрад Станишиќ верува дека со членството во НАТО Северна Македонија ќе даде целосен придонес за стабилноста на Западен Балкан.
– Во тоа има целосна поддршка од Црна Гора – заклучи Станишиќ и додаде дека е уверен оти Северна Македонија оваа година ќе стане полноправна членка на Алијансата.