„Бомбите“ не смеат да бидат доказ, а Катица Јанева и нејзиниот тим не може да продолжат со работа затоа што го уценувале Христијан Мицкоски, се дел од позициите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и судбината на СЈО.
Ако не се донесе нов закон, сѐ што е направено досега може да биде џабе, а најголемата штета би било неотпочнување на преговорите со Европската Унија (ЕУ).
Вакво предупредување вчера испрати и министерката за правда Рената Дескоска, а според првичните позиции на партиите, широк консензус од сите партии, пред сѐ, оние кои го потпишаа Пржинскиот договор, е далеку од видикот. Дескоска рече дека сѐ уште нема двотретинско мнозинство не наведувајќи од чии редови предложениот закон нема поддршка.
Простор за преговори има, но има и црвени линии под кои власта нема да оди. Додека се очекува дали ќе се најде компромис и кој ќе застане зад него, најголемата опозиција во Парламентот е децидна во своите ставови за Катица Јанева и институцијата која таа ја предводи.
Според предлогот на Министерството за правда, СЈО треба да биде разграничено од другите обвинителства и особено од Обвинителството за организиран криминал и неговата надлежност ќе се фокусира на гонење висока корупција.
Меѓутоа, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СЈО нема капацитет да гони висока корупција.
– СЈО изминативе години покажа и докажа дека нема капацитет и нема намера да гони висока корупција, туку единствено да врши политички прогон, уцени и закани на сите оние кои што му се попречуваат на патот на Зоран Заев во неговото непринципиелно владеење и раскрчмување на државата. Работата на СЈО се сведе само на партиска послушност која е тесно поврзана со Зоран Заев, работејќи како негова продолжена рака – велат од партијата за Плусинфо.
Кога станува збор за предметите што се почнати, вклучувајќи ги обвиненијата, истрагите и предистрагите, се предвидува нивно продолжување, а од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека случаите почнати по истекот на 18-те месеци не треба да се продолжат или да се отвораат нови.
– Тоа го знаат и Катица Јанева и Зоран Заев и требаше да мислат на тоа пред да истече рокот во 2017, а не сега во 2019 година – одговараат од опозицијата.
Во ВМРО-ДПМНЕ се децидни и за судбината на „бомбите“ наведувајќи дека тие служат само за уцени, стекнати се на нелегален начин и како такви не треба да бидат докази пред судот.
Какви се позициите на ВМРО-ДПМНЕ за тимот кој работи во СЈО? Предложено е ротирање на обвинителите на 1-2 години, како што изјави вчера Дескоска.
Од опозициската партија ги повторуваат нивните ставови за Катица Јанева и обвинителите од нејзиниот тим, кои ја немаат поддршката од оваа партија, меѓу другото и затоа што, како што велат, го уценувале Христијан Мицкоски.
– Ова обвинителство и овој тим заедно со Катица Јанева не може да продолжи со работа затоа што истата таа Катица Јанева го уценуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за сметка на продолжување на нејзиниот мандат. Тоа е недозволиво и непринципиелно и ние немаме намера да тргуваме со принципите и да поддржуваме вакви луѓе. Дополнително, медиумите неколку пати објавуваа за луѓе кои се вработени во СЈО директно од редовите на СДСМ и нивни блиски функционери – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, она што се планира со новиот закон во однос на прашањето за кадарот во СЈО е мандатот да се движи од една до две години.
– Тоа беше препораката што ја добивме со цел да се овозможи континуитет и да се овозможи систем со кој нема целото обвинителство во ист момент да биде сменето. Тие предложија периодично ротирање, односно една третина од обвинителите да се смени во еден период, потоа втората третина и на крај третата, за да се овозможи еден континуитет. Значи во рок од тие две години да има постапно менување на обвинителите, со цел новите што ќе дојдат да можат да ги продолжат случаите што се почнати – истакна министерката за правда.