Нимиц: Често ми велеа колку досадна работа, да се поминат 25 години работа на еден збор

356

Периодот на имплементација на Договорот од Преспа ќе отвори прашања како што е работатата на Комитетот за учебниците и комерцијалната употреба на името „Македонија“, вели посредникот на ОН во спорот за името амбасадорот Метју Нимиц.

– Една од работите кои создаваат загриженост е иредентизмот и демонизацијата на соседот. Сама по себе промената на името бара многу време. Секој пасош, возачка дозвола, универзитетска диплома, извод од матична книга на венчаните, таблите на институциите мора да се сменат. За тоа ќе биде потребно време, исто како што ќе биде потребно време и за односите меѓу народите на двете земји. Постојат прашања и во делот на комерцијалната употреба на името „Македонијa“ – изјавил Нимиц на брифингот за новинарите во седиштето на Светската организација.

Осврнувајќи се на неговиот повеќегодешен ангажман за надминување на спорот кој се смета за најдолг стаж воопшто на именуван посредник од страна на генерален секретар на ОН, Нимиц вели дека е задоволен од успехот на преговорите меѓу Атина и Скопје.

– Луѓето често велеа колку досадна работа, да се поминат 25 години работа на еден збор, едно име. Зошто луѓето не седнат и не се договорат за име за што се потребни пет минути. Но, не се работи само за името, кое е само врвот на сантата мраз кој е видлив, станува збор за прашање на чувството за идентитет во двете земји. Прашањето имаше историски и емоционални аспекти и сѐ уште има – појаснува Нимиц.

Тој го нагласува и значењето на политичкото лидерство во надминувањето на спорот за името.

– Лидерите се менуваат и навистина верувам дека тие имаат големо влијание врз историјата. Лидерите во двете земји имаа различни ставови за спорот. Имаше периоди кога некои лидери го ставаа ова прашање на дното од листата на приоритети, некои не беа подготвени да преземат голем ризик. Една од позитивните работи која придонесе ова прашање да се затвори е што имавме лидери од двете страни кои навистина искрено одлучија „сакаме да го решиме проблемот, ќе вложиме политичка енергија во тоа и ќе преземеме ризици, ќе направиме компромис“ – вели Нимиц.

Се присетува и на времето на неговите преговори со двајцата министри за надворешни работи Димитров и Коѕијас, главно водени во Виена, кои резултираа со договорот што покрива цела низа прашања и области.

– Се надевам дека ова ќе води до добри односи меѓу двете земји и до побезбеден регион. Грција го повлече нејзиното противење на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и НАТО. Ова е решението и со тоа мојот проект е завршен – подвлекува Нимиц.

Прашан како успеал да остане медијатор во овој спор толку долг период, Нимиц појаснува дека тоа се должи на довербата кон него од двете преговарачки страни.

– Секоја година јас ги прашував Атина и Скопје дали сакаат да останам, бидејќи во преговорите не може да останете ако немате доверба од двете страни, ќе мора да се повлечете. Тие, пак, секогаш ми велеа, останете уште една година, немаме постигнато прогрес, но продолжуваме со напорите – истакнува амбасадорот Метју Нимиц.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...