Големата ѕвезда на Интер, Мауро Икарди и топ-стрелец ќе пропушти уште еден натпревар за неговиот тим. Аргентинскиот напаѓач не влезе во групата за дуелот од шампионатот против Каљари, а прашањата за неговото отсуство очигледно го вознемирија менторот Лучано Спалети.
Како причина за отсуството на 26-годишниот Аргентинец се уште се наведува повредата на коленото, иако клубот ги негираше ваквите тврдења преку медицински тестови, на кои го подложија Икарди. Нема повеќе простор за сомневање дека целата ситуација е предизвикана од одбивањето на играчот да го обнови договорот, а одговор на клубот е да го лиши од статусот на капетан.
Темата е централна во клубот веќе неколку недели и тотално го сврте фокусот од добрите резултати на „нероазурите“. Токму овој факт не му се допаѓа на Спалети.
– Многу се зборува за Мауро Икарди и претседателот Стивен Жанг. Од сега па натаму, ќе зборувам само за оние кои се тука, а не за другите, кои не се достапни. Играчите тука се оние кои излегуваат надвор и се грижат за судбината на Интер. Одбивам да разговарам за останатите, рече Спалети.
Каљари го пречекува Интер во петок, 1 март, во 20:30 часот по македонско време. Дуелот е прв од 26-тиот круг на Калчото.
ФОТО: EPA / MAURIZIO BRAMBATTI