Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) за неколку месеци ќе замине во историјата. До 1 јуни годинава треба да почне да функционира новата Агенција за национална безбедност (АНБ). Формирањето на овој орган практично е еден од трите модели кои се разгледуваа за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем.
Еден од другите два модели предвидуваше задржување на постоечкиот модел – УБК да остане во склоп на МВР со одредени измени, додека другиот беше спојување на УБК и Агенцијата за разузнавање.
Сепак, изборот на моделот за формирање на посебен самостоен орган, во случајот АНБ, паднал бидејќи очекувањата се дека на ваков начин ќе нема никаков простор за злоупотреби и концентрација на моќта во една институција, како што е случајот со МВР досега. Изборот се правел и според праксите во европските земји, а во реформите помагаат и службите на четири други држави.
Двете законски решенија кои се однесуваат на безбедносно-разузнавачкиот систем, Законот за Агенција за национална безбедност и Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, денеска влегуваат во собраниска процедура откако минатата недела добија амин на владина седница. Во изработката на законите, велат од МВР, учествувале работните тела и од власта и од опозицијата и очекуваат истите да бидат донесени со широк консензус. За едниот е потребно двотретинско, за другиот просто мнозинство.
Бидејќи поради изборите Собранието ќе работи до 1 април, очекувањата се дека во текот на март законите ќе се донесат за да може да се стигнат роковите и од 1 јуни АНБ да почне со работа.
Директорот на АНБ ќе го предлага премиерот, а ќе се избира на владина седница. И тој и вработените ќе мора да ги исполнуваат строгите критериуми и да ги поминат безбедносните филтри кои се креирани и според барањата од НАТО. Сѐ уште не се знае колку лица ќе бидат вработени во неа и дали таму ќе преминат оние кои сега работат во УБК, но сигурно е дека секој кој мора да ги помине безедносните филтри бидејќи ќе се доаѓа во допир со класифицирани информации.
Почнувањето со работа на АНБ во пракса ќе значи дека МВР ќе ја нема концентрираната моќ која досега ја поседува благодарение на УБК која во постоечкиот модел е централна разузнавачка институција и преку неа може да се следат истрагите на другите институции како што се: Финансовата полиција, Царинската управа, Военото разузнавање и БЈБ.
Разузнавачите во новата Агенција ќе немаат ниту полициски овластувања.
– Сакаме да се ослободиме од називот „Тајна полиција“ кој го имаше УБК поради полициските овластувања кои сега со новиот модел нема да ги има – кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешниот брифинг со новинарите.
Директорот на УБК, Горан Николовски, пак, потенцира дека АНБ ќе работи превентивно, а не репресивно. Мандатот на работа, појаснува тој, ќе биде на три полиња: контраразузнавање; контратероризам и заштита на уставниот поредок; превенција од организиран криминал.
Следењето што ќе го прави АНБ, пак, ќе немаат доказна вредност односно материјалите нема да важат за докази пред суд.
За секоја мерка за собирање податоци што ќе ја презема новата Агенција, дали прислушување или друга тактичка мерка, ќе знае јавен обвинител, а во новиот закон, тврдат од МВР, е строго дефинирано кога и за која мерка е потребна судска дозвола, наредба од Јавен обвинител, од Врховен суд, како и кога е потребна само согласност од директорот на АНБ. Во секој случај, за секое следење ќе треба да биде извесен обвинител.
Надзор на работата на новата институција ќе прават Народниот правобранител, Советот за граѓанска контрола, Агенцијата за класифицирани информации, Собранието кое ќе може да ангажира и експерти… Во склоп на АНБ ќе се формира и единица за внатрешна контрола, а раководителот и членовите на оваа единица ќе бидат избрани со добиено мислење од собраниска комисија.