Заев од Букурешт: Северна Македонија може да биде и „економско чудо“

554

Премиерот Зоран Заев, кој е во официјална посета на Романија заедно со владина делегација, денеска се сретна со претседателот на Домот на пратениците Ливиу Драгнеа, како и со заменик-претседателот на Сенатот на Романија Јулијан Клаудиу Манда.

Во Домот на пратениците е соопштена веста дека вчера едногласно е ратификуван Протоколот за прием на Република Северна Македонија во НАТО. Изразени се честитки дека нашата држава испишува историја, како дома, така и во регионот и во Европа, низ визионерските политики и начинот на којшто им е пристапено и се решени прашањата важни за иднината, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Заев се заблагодари за огромната поддршка од Романија и за тоа што земјата е меѓу првите што пристапи кон потпишување на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО.

– Благодариме за почитта. За нас членството во НАТО е голема стратешка цел. Важни се мирот, стабилноста, безбедноста, но тие значат и економија. Нашата цел е да ги потврдиме перцепциите дека Северна Македонија може да биде и „економско чудо“ – рече Заев.

Во таа насока посебно е посветено внимание на планираниот бизнис форум од двете земји, интензивирање на економската соработка и размена на искуства на економски план. А разговарано е и за унапредување на соработката во областа на културата, образованието, гасното поврзување, инфраструктурата, стои во соопштението.

Во Сенатот каде треба да се заокружи ратификувањето на Протоколот за пристап на Република Северна Македонија во НАТО е најавено дека течат забрзани процедури тоа да се случи во текот на следната недела. Изразени се честитки за храбриот пристап на премиерот Заев во решавањето на политичките прашања, на европски начин.

Премиерот ги поздрави сите заложби на Романија за евро-атлантските интеграции на нашата земја и изрази надеж дека од романското претседателство во ЕУ, ќе произлезе отворање преговори на Република Северна Македонија со ЕУ.

Претходно, Заев се сретна со романската премиерка Виорика Данчила, која изјави дека очекува брзо заокружување на процесот на ратификација на Протоколот за прием на земјава во НАТО и оти Северна Македонија во најбрзо време ќе биде 30. членка на Алијансата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...