Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска расправаше и едногласно одлучи да ја отфли иницијативата за собирање најмалку 150.000 избирачи за распишување дополнителен референдум поднесена од Тодор Петров.
Со Граѓанската иницијатива поткпрепена со потписи од 157 граѓани се бараше распишување референдум на кој граѓаните со „за“ или „против“ треба да одговорат на прашањето „Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија“.
Како што рече претседателот на комисијата, пратеникот Чедомир Саздовски, иницијативата се отфрла како неуредна бидејќи референдумското прашање не е во согласност со името на државата, не е во согласност со Законот за референдум што не дозволува повторен референдум за исто референдумско прашање пред истекот на рокот од две години од претходно одржаниот референдум и затоа што Собранието на седницата на 30 јануари 2019 година веќе донесе одлука за истата граѓанската иницијатива дека не е уредна и гласало за нејзино отфрлање.
Поднесувачот на иницијативата Петров појасни дека реферндумот има за цел проверка на одлуката на Собранието за промена на името на државата во Република Северна Македонија.
Во текот на дебатата Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ, кој иако не е член на Комисијата, се заложи да се поддржи оваа иницијатива бидејќи тоа е право на граѓаните утврдено со Устав, а ќе овозможи и на оние граѓани кои претходно не гласале да се изјаснат.
– Основата на сѐ е правото и почитувањето на Уставот и на законите и мора ова иницијатива да ја направиме доколку е уредна – рече Димков.
Независниот пратеник Ферид Мухиќ ја постави дилемата која е смислата на ваков референдум ако се има предвид дека не е можно поништување на одлуките на Собранието за уставните измени и за Преспанскиот договор и укажа на реперкусиите од евентуално прифаќање на ваква иницијатива.
– Барањето е легитимно, но треба да знаеме што следи од тоа. Се обидов да ви дадам алиби дека станува збор за една морална сатисфакција, граѓаните да кажат дека е извршен притисок и не се за промена на името, барем нека се знае и тоа е добра инвестиција за некогаш, дека имаше незадоволство, бидејќи станува збор за преседан во меѓународното право. Но да се покрене веднаш сега референдум убеден сум дека не ќе може правно да се реализира. Овој референдум ретроактивно дејство не може да има и ќе предизвика многу сериозни проблеми – вели Мухиќ.
Ова беше трет пат Тодоро Петров да достави иста иницијатива до Собранието. Првиот пат не беше уредна затоа што потписите не беа собрани пред надлежен орган, а вториот пат иако матичната комисија ја прифати, Собранието ја одби со образложение дека е преуранета. Ја поднесе на 9 јануари, а Собранието уставните измени за промена на името ги изгласа два дена подоцна.
Мислењето на Комисијата ќе биде доставено до претсдетелот на Собранието