Идеолошкиот патриотизам како параван за злосторство и пљачка

373

Никогаш не се занимавам приватно со некои личности и појави во овие текстови, затоа што тоа воопшто не ме интересира, се занимавам со појави и личности кои нешто значат во јавниот и политичкиот живот во Републиката. Оттука, денес, ќе ја третираме темата на „македонскиот патриотизам“, ништо поразлична од „албанскиот патриотизам“.

За почеток, вреди да се потенцира: ДУИ не е во владата на Заев, или барем не би требало да биде само како „штур“ декор за одржување на власт. ДУИ треба да биде пред политиката, односно да се обидува да создава политика која ќе ја дефинира Македонија не како монолитна заедница само на Македонци, или само на Албанци кои мора да бидат секогаш во власта, туку ќе креира политика на повеќеслојно општество во идентитетска смисла, па дури и ако сакате, треба да се залага многу повеќе за толеранција и дијалог, а не да се претставува како „слепо“ галениче кое треба да биде дел од едно малцинство кое мора да биде секогаш „во“ и „со“ власта. Ви велам, ако навистина ДУИ како албанска партија сака да води политика на исправен начин. Затоа што македонското општество ниту може, а ниту смее да биде монолитен едноидентитетски организам.

Секоја култура, па така и mакедонската, многу тешко функционира како монолит или како еден идентитет. Затоа што македонската култура е повеќеидентитетска, македонската култура е композитна, шаренолика, и во себе многу различна, ама и контрадикторна. Но, сепак, тоа е во природата на самата култура. Во таа смисла, македонската култура не е нешто оригинално и необично, а не е ниту „вештачка“ или „неприродна“, како што денес некои зовриени глави сакаат да ја претстават. Македонија, денес, во културна смисла е таква какви што културите впрочем и се. Но, да не навлегувам во преголеми (пара)филозофски разглабања, да објаснам за што всушност, станува збор.

Главата пречка или несогласување во владата на Заев е тоа што ДУИ не сака СДСМ да има „ексклузивно“ право да одлучува почнатите криминални постапки да продолжат кај СЈО. Оттука, премногу е очигледно дека сета инкриминираност ќе се истури на грбот од врхушката на ДУИ. Со тоа, автоматски ќе се суспендира мислењето на Врховниот суд, оној ист суд што ги забрани истрагите на СЈО после 30 јуни 2017 година, а тоа значи дека мечката ќе затропа на некои сегашни и минати политичари од типот на: Али Ахмети, Бујар Османи, Антонио Милошоски, Зоран Ставрески и други. Што значи, да го поедноставиме проблемот: ДУИ се противи СЈО да продолжи со работа затоа што мечката ќе затропа и на нивната врата.

Е, сега, каква врска имаат „македонскиот патриотизам“ и „албанскиот патриотизам“ со тоа што некои видни луѓе од ДУИ се товарат за висока корупција? Зошто едните сакаат и инсистираат на реформи, а другите срамежливо премолчуваат или тивко и декларативно прифаќаат? Затоа што намачкани им се гаќите, ете затоа. Затоа што не се тоа чисти работи, ако ме разбирате што сакам да кажам. Ама и затоа што, од премногу занесување дека ДУИ е „државотворна“ и „реформска“ партија. Па, дали ДУИ е тоа? Јок, море! Еве зошто мислам дека ДУИ, како впрочем и ВМРО-ДПМНЕ на Груевски, се далеку од реформски партии, барем во овој момент. Повторно ќе мора малку да (пара)филозофираме.

Да се биде патриот не е ништо лошо, а богами ниту срамно. Тоа е едно чувство на припаѓање и еден темел на општествена кохезија. Но, проблемот со македонскиот, како впрочем и со албанскиот патриотизам, е, кога таквиот се претвора во идеологија. Идеолошкиот патриотизам се користи тогаш кога партијата ќе влезе во некоја партикуларна свинштина, најчесто криминал, убиство, you name it, oдносно кога лидерот ќе влезе во сферата на помрачување од желби и страсти поради недостиг на вредности. Сакам да кажам, откако ќе се направат свинштините, лидерите свесни за нив, повторно ќе прават компромиси поради изгубеното „единство“.

Од друга страна, партикуларизацијата на патриотизмот, како оној „заеднички“ и оној „општ“ од страна на поединци и групи, наместо посакуваната интеграција (под услов да биде посакувана) создава дополнителен раскол и ги забрзува процесите на општествено – и следствено на тоа – го забрзува државно распаѓање.

Реков и погоре, коалицирање од чист и прагматичен интерес, или тоа што го нарекуваме „идеолошки патриотизам“, во својот потенцијал има сила да ја разори земјата. Затоа што неговата сила е преголема и не може да реши ниту една работа. Освен во вонредни состојби (војна, природни катастрофи); за реформа, за решавање на проблеми од сферата на висока корупција, тука апсолутно е немоќен. Немоќен е затоа што апсолутизираниот патриотизам сѐ порамнува и сѐ оправдува. И само во таква атмосфера возможна е симбиоза меѓу комунистички комесари, важни демократи, најобични криминалци, ловци во матно, кои потоа воспоставуваат контрола над целокупниот политички, стопански и културен простор.

Освен што идеолошкиот патриотизам е синоним за ендорасизам, другиот синоним за патриотизам е ендоокупација. Погледнете ја таа симбиоза измеѓу ДУИ и ДПМНЕ, и ќе ви стане појасно што „писателот“ сака да каже.

На крајот, дозволете да заклучиме. Ако сакаме правна држава, СЈО мора да продолжи со својата работа, да ги продолжи своите истраги. СЈО мора да продолжи да се занимава со неправдите кои се сторени во наше име, и да се обиде да ги сведе на минимум. Ако и овој пат се извлечат сите тие „национални“ и „државотворни“ пробисвети, ви велам, ако се извлечат повторно, сосема е неважно како оваа земја се вика, дали напред има префикс Северна, дали има географска одредница Јужна, Вардарска, ви велам, сосема е неважно затоа што земјата ќе биде ништо друго освен мачкино ебалиште на неколку полудени поглавари, а останатите ќе бидат нивна послуга.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...