Државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски денеска оствари средба со делегација на Министерство за надворешни работи на Грција, предводена од Јанис Брахос, генерален секретар за меѓународни и економски односи.
На средбата беа разгледани можностите за унапредување на соработката во сите области од заемен интерес, а посебно на економски план. Двете страни ставија акцент на придобивките од Преспанскиот договор и неговата натамошна имплементација во функција на интензивирање на севкупната соработка меѓу двете пријателски и соседни земји, соопшти МНР.
Министерството наведува дека на средбата била постигната согласност да биде изработен Акциски план во кој ќе бидат нотирани активностите во претстојниот период, а кои ќе придонесат за оформување договорна рамка на соработка, како и временската рамка за идните чекори за нивна имплементација.
Државниот секретар Димовски беше домаќин и на работниот ручек за грчката делегација, на кој беа поканети и градоначалниците на општините од пограничните региони со Република Грција. На средбата беше разговарано за можностите за воспоставување поблиска сoработка со грчките погранични општини, како и за користење на грчките искуства при апликацијата за европските фондови за погранична соработка.